Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ денеска во Делчево организираше Бадникова поворка. На поворката и претходеше утринска богослужба со осветување на бадникови гранчиња. Како што истакна старешината на црквата, протоереј Александар Васев, Бадниковата поворка по прв пат се одржува во Делчево, а целта е таа да прерасне во традиција.
-Со Бадниковата поворка сакаме да возобновиме една прекрасна древна традиција, која, веќе насекаде во Македонија, прерасна во еден од најмасовните собири, што радосно ги обединува најмладите од целата наша татковина. Еве денес прв пат и во Делчево, голема група дечиња и возрасни се собраа за радосно да го најават Христовото раѓање, пренесувајки ја топлата празнична порака, со изведба на старата Бадниковата песна „Вечниот Бог“, истакна Васев.
Бадниковата поворка започна од храмот „Успение на Пресвета Богородица“, потоа групата се движеше до параклисот „Свети Kлимент“ и назад кон старата црква, каде децата беа пречекани и им беа поделени Божиќни подароци.
-Сакам да се заблагодарам на сите благочестиви граѓани кои помогнаа околу обезбедувањето на подароците на дечињата и сите оние кои учествуваа во поворката. Ние како претставници на Македонската православна црква сме задоволни што како за прв пат имаше огромен интерес од страна на учесниците кои ги имаше во бројка од над 100 дечиња и возрасни, рече Васев.
Како што истакнаа од црквата во Делчево со завршувањето на денешните активности за Бадник, се е подготвено за одбележување на Христовото раѓање – Божик. По тој повод утре во делчевскиот храм ќе се служи Света божествена литургија.
/МИА

