Вселенскиот патријарх Вартоломеј на 13 август ќе служи Света Литургија во митрополитскиот храм „Света Богородица“ на неговиот роден остров Имврос, по повод 65-годишнината од неговото ракополагање.
Со него ќе сослужуваат Александрискиот патријарх Теодор II и Албанскиот архиепископ Јован. Богослужбата ќе биде централниот настан од одбележувањето на јубилејот, кој има особено значење за патријархот бидејќи токму во овој храм започнала неговата црковна служба.
На 13 август 1961 година, тогашниот Димитриј Архондонис бил ракоположен за ѓакон од неговиот духовен наставник, Имвроскиот и Тенедоски митрополит Мелитон, кој подоцна бил избран за Халкидонски митрополит.
При ракополагањето го добил името Вартоломеј, во чест на имвроскиот јеромонах и книжевник Вартоломеј Кутлумушки.
Јубилејните богослужби на Имврос ќе продолжат и на 15 август, на празникот Успение на Пресвета Богородица. Вселенскиот патријарх Вартоломеј и Албанскиот архиепископ Јован ќе ја отслужат празничната Света Литургија во храмот „Благовештение на Пресвета Богородица“ во планинското село Агридија.
Иако храмот е посветен на Благовештението, според традицијата во него се одржуваат и централните богослужби за празникот Успение на Пресвета Богородица на островот.
Празникот на Пресвета Богородица има особено место во црковниот живот на Имврос. На островот има пет парохиски храмови посветени на Богородица, како и бројни параклиси и богородични светилишта.
Јубилејот на патријархот Вартоломеј е дел од серијата значајни настани што во текот на 2026 година се одбележуваат на Имврос. Во јуни беа одбележани 35 години од неговиот избор за Вселенски патријарх, како и 100 години од основањето на Имвроската и Тенедоска митрополија.
За патријархот Вартоломеј, августовските богослужби имаат и лична симболика – токму на неговиот роден Имврос, во истиот храм во кој пред 65 години ја започнал својата свештеничка служба, денес ќе биде одбележан еден од најзначајните јубилеи од неговиот црковен пат.

