Почетна Проповеди Стануваме робови на погрешното толкување на технологијата
Стануваме робови на погрешното толкување на технологијата

Стануваме робови на погрешното толкување на технологијата

176
0

И во овие неблагопријатни времиња Божјата човекољубива Промисла нè удостои да ја славиме Светата Пасха, преминот „од смртта кон животот и од земјата кон небото“. Христос, нашата Пасха, „во Кого, верни, имајќи утврдување на надежта, се радуваме“, е темел, „краеаголен Камен“ – од ѕидарите отфрлен, но од Бога прославен – не само на христијанскиот, ами и на севкупниот човечки живот воопшто. „Од Господа е тоа и чудесно е во очите наши“.

Денес, во оваа светлозарно ноќоденство, во невечерниот Осми ден на Царството, Црквата нè повикува на радост и на просвештение. Во првата песна од Воскресниот канон, уште малку победно ќе пееме: „Ден е на Воскресението! Да се просветиме, луѓе! Пасха, Господова Пасха!“ Воскреснатиот од Гробот приготвил за нас трпеза на радоста и на просветлувањето. И никаде на друго место не би го нашле тоа нетлено богатство, освен во Пасхата на Христос Бог, во Неговото нелажно Воскресение, коешто до денес останува и за навек ќе остане најголема вистина, поголема од секоја реалност и повистинска од секој настан; зашто, Воскресението на Спасителот е факт што ги опфаќа сите временски епохи на човековото суштествување, надминувајќи го самото време: ја исполнува историјата, ја воодушевува сегашноста, навлегува во иднината; и уште, Воскресението излегува од сите просторни рамки: „Во Гробот телесно, во Адот со душата како Бог, во Рајот со разбојникот, и на Престолот си бил, Христе, со Отецот и Духот, сè исполнувајќи, Неопислив“.

За жал, светот не ја препознава Светлината која дојде во него и не се радува со неа, бидејќи „луѓето повеќе ја засакаа темнината отколку светлината, зашто нивните дела беа зли“. Затоа тој и тоне во безнадежност, во безизлез. Луѓето бараат излез од меланхолијата и безнадежноста во лажни нешта, решенија на своите проблеми во погрешни правци. Барајќи слобода, се подложуваат себеси на горко ропство. Луѓето се робови на своите ниски страсти, но и на бездушни предмети. Гледаме со запрепастување како во нашето време луѓето стануваат робови на технологијата и на техничките уреди, до степен на идолопоклонство. Интернет платформите и социјалните мрежи се претвориле во поле за изложување и експлоатација на човечките страсти, на мрачната страна на паднатиот човек. Наместо за зближување и пријателство, нивното функционирање резултира со расипување на меѓучовечките односи, на светите брачните врски, на неопходната топлина и блискост на родителите со децата и обратно. Колку само детски души денес се жртва на погрешното ползување на технологијата! Нашата Црква не е против напредокот на технологијата и ползувањето на богомдаруваните ресурси на Земјата, но е против нездравата злоупотреба што води кон ропство и самоуништување. „Сè ми е дозволено“, вели Црквата преку устата на Апостолот Павле, „но не е сè полезно. Сè ми е дозволено, но не сакам нешто да завладее над мене“.

Денес постојано ги слушаме предлозите на овој свет за подобар живот и многу луѓе се оддаваат на материјалниот комфор и на разните уживања. Знаеме многумина што ја избрале трката по материјални богатства, но останале задоволни само за малку време. Зашто, животот, без немањето вистинска цел која е Христос, накрај неизбежно води кон страшно очајание. Затоа, мили мои, тука е Црквата Христова, којашто нè повикува на нов, вистински живот, на живот кон ближниот, на живот во Богочовекот Христос, Кој засекогаш останува урнек за автентичен и вистински човек.

Искушението со пандемијата што нè снајде во текот на изминативе две години јасно ни покажа дека животот може нагло да се промени. Ни остави поука дека сето она на коешто се надеваме во овој свет може одеднаш да го снема. Единствено реалноста на Воскресението Христово не може никогаш да одмине, бидејќи таа е вечна. Вечерва ќе слушнеме во чудесните песнопенија за „Пасхата нетлена“, за „Христос Кој воскресна, вечното веселие“. За Пасхата вечна, „која вратите на Рајот ни ги отвора“. Сега секој од нас е поканет да влезе во ова чудесно просветление на тајната во Воскресението Христово и да ја живее вечната радоста уште овде на Земјата. Всушност, секоја Света Литургија за верникот е доживување на Пасхата и залог за Царството Божјо.

Мили мои, оваа и минатата година многу наши ближни ненадејно си заминаа одовде од злокобната болест што го потресе светот. Да се помолиме за нивните души, та зраците од славното Воскресение да ги озарат и нив во Царството на нашиот Бог. Да, смртта е една жална разделба и тага, но таа повеќе не е толку страшна, го нема тиранското самовластие што го имаше пред Христовото Воскресение. Со него, впрочем, се разруши ѕидот помеѓу животот и смртта и Животот ги опфати сите. Да се помолиме во овој час и за оние што се по болниците и лежат во немоќ, за Господ да им дарува скорешно здравје и подигање.

На сите нас, пак, воскреснатиот Христос да ни го подари просветлението, за да бидеме вистински луѓе. Не такви што бесцелно ќе талкаат по беспаќата на овој свет, затворени во самомаѓепсаниот круг на безизлезот. Велам самомаѓепсан, затоа што човекот се самозалажува со празните надежи на овој век. Ајде, затоа, да го слушнеме, мили мои, „Божествениот, љубезниот, најслаткиот глас“ на Воскреснатиот, кој нè повикува да излеземе од тој безизлез. Ете го излезот, ете го преминот, ете ја нашата Пасха – Христос нашиот Спасител, Кој ни даде неизмерна надеж и радост од празниот Гроб. Од сè срце Ви посакувам, да се овистини со вас денешниот повик на Црквата Христова: „Ден е на Воскресението! Да се просветиме, луѓе! Пасха, Господова Пасха!“. Да се просветиме, сите да се израдуваме!

Но, за да се отвори вратата за пасхалното просвештение има еден клуч: нашата добра волја. Самите треба да посакаме. Како разбојникот на крстот кој посакал да биде со Христа. Иако во ужасната драма на Голгота тој бил праведно осуден, заедно со другиот разбојник од левата страна, сепак, во сиот тој страотен метеж и агонија, постапил благоразумно, богољубиво, го пронашол вистинскиот пат. Го познал Христа, распнатиот до него, Го исповедал како Бог и побарал живот вечен. Мили мои, во метежот во кој денес се наоѓаме, обиколени од лажните надежи и залудните конформистички трки, да Го побараме, подобно на разбојникот, Христа распнатиот и воскреснатиот и да Му повикаме: „Спомни си за мене, Христе, во Царството Твое. Просветли ме и благослови ме!“ И Тој нема да нè остави, бидејќи е Бог Кој доброволно избра да пострада за нас, да биде распнат и да воскресне. Тој не е тиранин што сака да владее над нас со сила. Самиот ни ја подарил и ја почитува нашата слободна волја, можноста во слобода да Го избереме и да извикаме кон Него: „Те љубам Христе, дојди во моето срце и просветли ме!“

Ве замолувам, мили мои, сите вие што вечерва сте собрани овде во чест на Воскреснатиот, да ја понесете со себе оваа нетлена пасхална радост и да ги исполните вашите животи со неа. Немојте да дозволите со гасењето на свеќите да згасне и радоста Христова во вас и со вашето заминувањето од храмот да Го оставите Него, туку „појдете во Галилеја“ на срцата ваши, во вашата љубов, во „Царството кое е во вас внатре“ – „ете, таму ќе Го видите, како што ви рече“.

Христос воскресе! Христос воскресе! Христос воскресе!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *