Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас се сретна со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Атина, каде што разговараа за меѓународните случувања, верската дипломатија и заштитата на животната средина за време на посетата на патријархот на грчката престолнина, пишува Ортодокс Тајмс.
Според извори блиски до Ципрас, поранешниот премиер му честитал на Вселенскиот патријарх за неговото историско обраќање во грчкиот Парламент и потсетил на нивната блиска соработка за време на неговиот мандат. Нивниот разговор бил насочен кон тековните конфликти и геополитички тензии во Газа, Украина, Иран и Либан.
Ципрас нагласил дека и политичката левица и Црквата споделуваат заеднички хуманитарни вредности, особено во однос на заштитата на ранливите заедници и солидарноста со луѓето во потреба. Тој, исто така, ја истакнал важноста на меѓурелигискиот дијалог, потсетувајќи на меѓународните конференции одржани во 2015 и 2017 година, кои промовирале верски и културен плурализам, мирен соживот и регионална стабилност на Блискиот Исток.
Поранешниот премиер потсетил и на својата значајна посета на Богословската школа на Халки и најавил дека наскоро повторно ќе го посети Вселенскиот патријархат.
