Скандал се случил во бугарската црква „Свети Георги Победоносец“ во Одрин Турција поради инсистирањето на грчките духовници богослужбата по повод Ѓурѓовден да се одржи на грчки јазик, известуваат локалните медиуми.
Како резултат на оваа ситуација, управата на цариградските Бугари вовела забрана за богослужби на грчки јазик во бугарските цркви во Одрин.
Скандалот избувнал кога грчкиот митрополит, кој требало да ја предводи службата во бугарската православна црква, сместена во одринската населба К’јик, инсистирал таа да биде одржана на грчки јазик. Митрополитот бил испратен од Вселенската патријаршија во Истанбул, пренесе БТА.
Стотиците Бугари присутни во црквата, сепак, се спротивставиле на грчкиот духовник. Дошло до скандал, при што бугарските граѓани инсистирале дека во бугарската црква богослужбите треба да се одржуваат на бугарски, а не на грчки јазик, кој не го разбираат, наведува цитираниот извор.
Ѓурѓовден е и патронен празник на бугарската православна црква во одринската населба К’јик и специјално за празникот пристигнале стотици Бугари, забележуваат локалните медиуми.
Станува збор за црква која е во сопственост на Бугарската егзархија (фондација која функционира во Турција), но црквата е под управа на Вселенската патријаршија. Во бугарските цркви во Истанбул „Свети Стефан“ и „Свети Јован Рилски“ во Бугарската егзархија, богослужбата се одржува на бугарски јазик, а единствен исклучок е посетата на Вселенскиот патријарх, кога молитвите се читаат на грчки јазик.
Скандалот предизвикал силен одѕив меѓу заедницата на православните Бугари во Истанбул
Претседателот на Управниот одбор на Фондацијата на православните цркви на Бугарската егзархија во Истанбул и на заедницата на цариградските Бугари, Димитри Јотеф, изјавил дека од вчера донеле одлука да ја затворат црквата за богослужби сè додека не се реши проблемот службите да се одржуваат на бугарски јазик.
-Во исто време решивме да му забраниме на одринскиот митрополит да влегува во црквата додека не биде дозволено одржување служби на бугарски јазик. Секако, таа ќе биде отворена за посети. Луѓето можат да доаѓаат да се молат и да палат свеќи. За тоа нема пречка. Но, богослужби нема да се одржуваат. Искрено кажано, оваа одлука требаше да биде донесена уште пред години. Доживеавме голема тага по смртта на покојниот отец Александар Чак’рак. Тој беше многу вреден за нас. По неговата смрт, во последните три години бевме изложени на силен притисок од митрополитот. Затоа денес се сретнавме со Управниот одбор и дојдовме до оваа одлука, изјавил Јотеф, цитиран од локалните медиуми.
Официјални бугарски претставници исто така биле присутни во црквата за денешната богослужба.
„Денес во нашата црква се случи еден многу непријатен инцидент, на кој сите бевте сведоци. Можеме да го наречеме неочекувана ситуација, но треба да се каже и дека ова е продолжение на долгогодишен проблем. Затоа што одамна се соочуваме со истите тешкотии. Неговото Високопреосвештенство митрополитот воведе ограничување за одржување служби на бугарски јазик. Но, во Република Турција службите и богослужбите во секоја црква или место за богослужба се вршат на јазикот на соодветната заедница. Република Турција е држава која подеднакво ги штити правата на различните народи, различните деноминации и верски групи. Со жалење, сепак, морам да кажам дека Неговото Високопреосвештенство митрополитот не ја разбра нашата чувствителност по ова прашање. Тој можеби е од грчко потекло, но овде станува збор за јазикот, културата и правото на заедницата да ја практикува верата на својот мајчин јазик“, изјави бугарската генерална конзулка во Одрин, Радослава Кафеџијска, за одринските медиуми.
