Серијата за старец Пајсиј: тивка лекција за животот и вредностите на нашето време

Date:

Share post:

Серијата за старец Пајсиј влезе во јавниот простор без поголеми најави, но остана присутна со упорност што не е вообичаена за една секојдневна продукција. Се гледа внимателно и продолжува да живее во мислите и разговорите долго по завршувањето на последната епизода.

Две сезони (2022 и 2024 година) и јасна одлука фокусот да биде ставен на животот како процес, а не на ефектот. Фактот дека е преведена, прикажувана и гледана на најмалку десет јазици: од грчки, грузиски и ерменски, до арапски, српски и англиски, говори дека нејзината порака одамна го надминала локалниот контекст и дека допира до нешто суштинско во заедничкото општо човечко искуство.

Биографијата на старец Пајсиј е важна, но не и доволна сама по себе. Роден во 1924, во местото Фараса, во Кападокија, денешна Турција. Расте во Грција, со горкото искуство да се биде бегалец од сопствениот дом. Подоцна следуваат војската, војната, болестите и монашкиот пат на Синај и на Света Гора, сѐ до смртта во 1994.

Серијата отвора повеќе важни и актуелни прашања, а за мене беа најважни следниве:

Првиот, тивок но многу важен аспект е улогата на мајките и на бабите, на живите светители и чувари на верата. Преку примерот на мајката на старец Пајсиј, серијата потсетува дека верата во семејствата била пренесувана и преку храбрите подвизи на нашите баби што ги палат кандилата во домовите и што трпеливо ги дочекуваат утрата пред иконите.

Второ е прашањето на чудата. Старец Пајсиј живее во време на изразен секуларизам и сомнеж кон сè што не е мерливо. Луѓето што доаѓаат во неговата ќелија, пак, носат голем очај, страв и исцрпеност. Сведоштвата за исцелувања и духовна помош во серијата се прикажани без сензационализам, како дел од секојдневието на луѓе што бараат надеж од еден православен монах што живее за да помага.

Третиот, подеднакво важен аспект е скромноста. Старец Пајсиј не настапува од позиција на моќ. Неговиот пристап е ненаметлив, што му овозможува да биде близок со луѓето, да не ја понижува нивната болка и да не ја претвори духовноста во средство за влијание.

Сите овие димензии се поврзани со еден клучен збор што старец Пајсиј често го користел (а кој е одлично прикажан во серијата): “φιλότιμο”. Тоа е потешко преведлив поим што означува внатрешна потреба да се направи добро дело без никаква присила и без калкулација, од што може да се разбере и неговиот однос кон човекот како таков, ослободен од предрасуди и од етикети.

Серијата за старец Пајсиј е силен пример: за вера што се живее во реални, денешни услови; за надеж што не зависи од околностите; и за патот кон апсолутното добро! Таа нуди мирен и сериозен увид во православното искуство на верата, страдањето и надежта, без ефекти и без наметнување, оставајќи простор секој сам да извлече поука.

Топла препорака во овие празнични денови.

Пишува: Александар Спасеновски, универзитетски професор

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img