Романскиот патријарх Даниел, во своето Божикно обраќање истакнал дека семејството и улогата на жената се основни столбови во зачувувањето и промовирањето на христијанскиот идентитет во современото општество, соопшти Agerpres.
Тој подвлекол дека семејните вредности и воспитувањето во верата се неопходни за духовниот развој на поединецот и за општествената кoхезија. Тој нагласил дека жената, мајката, сопругата и воспитувачката играат незаменлива улога во пренесувањето на духовните и морални вредности на следните генерации.
Патријархот Даниел истакнал дека семејството не е само социјална единица, туку духовен дом каде се раѓа и се крепи верата. Според него, семејството треба да биде место на љубов, поддршка и меѓусебно уважување, кое ја рефлектира христијанската порака за единство и служба кон ближниот.
Истовремено, тој зборувал за важноста на тоа жената да биде ценета, почитувана и поддржана, посебно во нејзината улога како носител на духовни и морални вредности. Патријархот порачал дека признанието на жената како образовител и духовен пример е критично за здрав развој на семејството и на целото општество.
Во обраќањето, поглаварот на Романската православна црква упатил повик до верниците да ја обноват својата посветеност кон верата, да ги негуваат семејните вредности и да се залагаат за заедничкиот духовен развој. Тој нагласил дека во време на општествени промени, црковното внимание кон семејството и жената е неопходно за зачувување на христијанскиот идентитет и традиција.
Патријархот, исто така, подвлекол дека црквата ќе продолжи да работи на проекти и активности кои гоподдржуваат семејството, образованието на младите и улогата на жената во духовниот живот на заедницата.

