Во различни делови од светот се бележи неочекуван пораст на интересот на младите луѓе за религијата, при што особено се издвојуваат мажите од генерацијата Z, посочува „Слово про слово“, повикувајчи се на theinterpreter. Социолозите укажуваат дека се разнишува долго вкоренетата претстава оти верата е прашање главно на постарите генерации или претежно на жените.
Иако процесот на секуларизација продолжува, сè повеќе млади повторно ја откриваат својата религиска и духовна идентичност. Истражувачите сметаат дека оваа појава доведува во прашање две класични социолошки претпоставки: дека религиозноста неизбежно опаѓа со модернизацијата и дека верата е поизразена кај жените и повозрасните.
Аналитичарите посочуваат дека религиски „пресврти“ често се случуваат во периоди на длабоки кризи – војни, економска нестабилност или пандемии. Токму ваквите катаклизми ги поттикнуваат младите да бараат смисла, стабилност и заедничарење. Пандемијата на COVID-19 се наведува како еден од клучните катализатори, бидејќи натера многу млади луѓе за првпат сериозно да размислуваат за смртноста, за кревкоста на животот и за сопствените вредности.
Во Азија, особено во Јапонија и Тајланд, се забележува пораст на учеството на младите во религиски практики – од посети на шинтоистички светилишта до будистичка аскеза. Во Кина, по пандемијата, духовните практики стануваат одговор на невработеноста, силната конкуренција и чувството на безнадежност. Во Индија религијата сè повеќе се испреплетува со културниот и националниот идентитет. Истражувањата покажуваат дека молитвата за многу млади претставува извор на внатрешна сигурност и стабилност. Важна улога игра и дигиталниот простор: социјалните мрежи и инфлуенсерите ги поедноставуваат и популаризираат духовните практики, правејќи ги подостапни за генерацијата на „кратките видеа“.
Во западниот свет сликата е посложена. Во САД и Австралија религиското „враќање“ има јасна родова димензија: младите мажи сè почесто се идентификуваат со христијанството, додека жените од истата генерација имаат тенденција да се дистанцираат од институционалната религија. Социолозите ова го поврзуваат со криза на идентитетот и чувството на загубена улога кај младите мажи, за кои црквата станува простор на заедништво, поредок и смисла. Од друга страна, младите жени почесто ги доживуваат традиционалните религиски структури како спротивни на нивните сфаќања за еднаквост и слобода.
Експертите предупредуваат дека доколку верата стане не само духовен водич, туку и алатка за политичка идентификација, може да ја зголеми општествената поларизација. Сепак, самиот факт дека младата генерација повторно го бара Бог ја доведува во прашање тезата за „неизбежна секуларна иднина“.
Дали станува збор за краткорочна реакција на глобалните кризи или за почеток на подлабока и долгорочна духовна промена, останува отворено прашање. Но едно е јасно: сè повеќе млади луѓе се враќаат кон верата таму каде што светот без Бог не успеал да им даде одговори.

