Романската патријаршија излезе со официјално појаснување по повод медиумски написи во кои се посочува занаводна „нелегалност“ на наставата по предметот Религија во јавните училишта во Романија
Во соопштението се нагласува дека, според Уставот на Романија, државата ја гарантира слободата на верското образование и дека веронауката во јавните училишта е организирана и заштитена со закон. Истовремено се потсетува и на Универзалната декларација за човекови права, која ја гарантира слободата на мисла, совест и религија, вклучително и правото таа да се изразува преку поучување. Патријаршијата посочува дека учеството на децата и младите во часовите по Религија претставува уставно загарантирано право, дополнително регулирано со Законот за верска слобода, Законот за предуниверзитетско образование од 2023 година и со посебна методологија за настава по предметот Религија, усвоена од Министерството за образование.
Според важечкиот закон, предметот Религија е дел од задолжителното јадро на наставната програма во основното и средното образование. Учениците кои припаѓаат на официјално признаени вероисповеди имаат право да посетуваат веронаука согласно својата вера, без оглед на бројот на ученици во училиштето. Запишувањето се врши со писмено барање од полнолетниот ученик или од родителите и старателите за малолетните, а истото може да се промени во секое време, исто така со писмено барање.
Во соопштението се осврнува и на оценувањето по предметот Религија. Според Патријаршијата, оценката е составен дел од статусот на секој училиштен предмет и изоставувањето на оценување или заменувањето со алтернативни решенија би значело поткопување на неговата улога во образовниот систем. Оценките, се наведува, претставуваат поттик за учење и признание за вложениот труд на учениците во стекнувањето знаења и морално-религиозни вредности.
Романската патријаршија потсетува дека предметот Религија историски имал значајно место во образованието, а дека и денес во мнозинството европски земји веронауката се предава конфесионално, со еден или два часа неделно. Присуството на предметот во европските образовни системи се оценува како израз на континуитет и признание на воспитно-образовниот потенцијал на христијанските вредности.
На крајот, Патријаршијата истакнува дека наставата по Религија придонесува за развојот на личниот идентитет, разбирањето на културните вредности и применетата етика, важна за духовното здравје на поединецот и заедницата, што, според неа, објаснува зошто голем број ученици и родители доброволно се определуваат за учество во овој предмет.

