Православните верници од Реканскиот крај успеале да го задржат изворниот начин на празнување на Богојавление, со посебни адети, народни носии и традиционални песни Посебна улога во зачувувањето на традицијата имаат жените облечени во народни носии, некои стари и повеќе од еден век, раскажува репортажа на емисијата 360 Степени за чествувањето на Богојавление во Ростуше.
-Уште од утрото, ростушани се собраа во храмот Пресвета Богородица. Тие имаат силна поврзаност со манастирот Свети Јован Бигорски што оттука се гледа на планинските падини отспротива. Па, Водици празнуваат заедно со неговата монашка заедница. Со литургијата чиноначалствуваше игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски г. Партениј.
По литургијата, од црквата Пресвета Богородица тргна литија во која учествуваа монахињи од манастирот Свети Георгиј Победоносец од селото Рајчица и монаси од Бигорскиот манастир.
Меѓу свештениците имаше гостин од Албанија, отец Никола од Тирана. Па, покрај на македонски, тој молитвите ги пееше на албански јазик.
Момчиња во мијачки носии ја носеа иконата „Кршение Господово“, а по нив стотици верници.
-Тоа се случува на поголеми празници како што е на пример Богојавление, таа се вика богојавленска литија, или на Воскресение се вика пасхална литија. Се оди од храмот до водата, во случајов река Радика каде старецот на манастирот, дедо Партениј, го положува во водите и од каде што скокачите го извлекуваат за благослов“, вели отец Кирил од Бигорски.
Погледнете ја репортажата на 360 Степени.

