Руската православна црква во Белорусија не е монолитно проруски и про Лукашенко ориентирана, ниту пак Римокатоличката црква е исклучиво опозициски настроена, вели белорускиот теолог и активистка Наталија Василевич, раководителка на организацијата Christian Vision.
Во анализа за decoder.org, Василевич посочува дека во двете цркви денес постои приближно еднаков број свештеници и верници кои се обидуваат да заземат „среден пат“ и да не привлекуваат внимание. Причината, според неа, е јасна: тие сметаат дека во моментов не постои „прозорец на можности“ за суштински промени и дека најважната задача е зачувување на заедниците и нивното опстојување во услови на притисоци и репресии.
Истовремено, таа нагласува дека и во Православната и во Католичката црква има радикални групи и поединци, но дека активностите на некои од нив не секогаш се јавно документирани, со цел да не се доведат во уште поголема опасност од страна на властите.
Заедно со други експерти, Василевич укажува и на можен иден развој: во послободна Белорусија би можела да се појави самостојна Православна црква која би побарала автокефалност и би водела поинаква црковна и општествена линија од онаа што ја поддржува Московската патријаршија. Според анализите, токму ваквите аспирации за црковна самостојност се причина за страв кај Москва, која со години настојува да ги блокира сите чекори што би можеле да доведат до слабеење на нејзиното влијание врз православието во Белорусија.
Овие оценки дополнително ја проблематизираат поедноставената слика за црквите во Белорусија и покажуваат дека и верските заедници, слично како и општеството во целина, се длабоко поделени во однос на режимот на Александар Лукашенко и иднината на земјата.

