Почетна Коментар Пост фестум
Пост фестум

Пост фестум

385
3

Мојата генерација веќе почна да го комплетира првиот половина век. Генерација која е тамам да сведочи за крајот на една држава и раѓањето на другата. На нашата.

Се родивме кога денешнава славеничка Македонија беше социјалистичка и кога знамето и беше црвено со ѕвезда петокрака. Ама нели и сонцето е ѕвезда. Само треба да му се приближиш за да светне во сиот свој сјај. Затоа пеевме дека денес се раѓа ново сонце на слободата.

Пеевме во тоа време и растевме чекајќи го денот и сонцето на слободата. Не дека не бевме слободни де, ама набилданиот патриотизам од крајот на осумдесетите ни будеше револуцинерен дух дека може и послободни да сме.  Го чекаа сонцето и живееја чекајќи и оние кои се бореле за слобода на Македонија во втората светска војна и оние кои го мразеа системот но, не и татковината. Нас и во школо и по дома нé воспитуваа од мали да бидеме чесни, да ја сакаме татковината, да ја градиме и да не ја крадеме. И пораснавме. Во тие години пооптимистите, оние повизионерите, па дури и оние најпесимистите некако знаеја дека ќе падне системот и дека ќе се крене татковината.

И ете, еден ден се појави идејата за повеќепартиски систем. Не се радувавме толку на партиите колку на слободата на избор.

Ах, колку се лажете, ако мислите дека некој од нашите генерации тогаш се гледаше во таа наша револуционерност како иден функционер кој ќе се занимава со политика и ќе води држава и удобно ќе живее!

Нас таков ни беше к’сметот, pa уште пред првите повеќепартиски избори да заминеме во последната генерација на ЈНА. Таму некаде и прв пат гласавме.

Неколку дена пред референдумот ни заврши воениот рок. Знаевме за скорешниот референдум. Ја знаевме и својата решеност дека ќе заокружиме Да, но ја знаевме и решеноста на војската да интервенира, како во Словенија и Хрватска. Та, нели тоа го слушавме до вчера од внатре.

Но, само после неколку зачекорени чекори надвор од капијата на касарната, гледајќи ја еуфоријата на Македонците и патриотскиот набој, стравот ни исчезнуваше.

Ќе нé биде. Со својот народ, со оваа верба во подобра иднина, со оваа желба за реализирање на вековниот сон за македонска држава ќе бидеме независни, свои на своето, конечно.

И бидна и третиот Илинден. Неизвесноста се претвори во еуфорија од независноста, а ѕвездата петокрака најпосле стана сонце со 16 краци. (До душа, неколку години подоцна зраците се преполовија во 8 поради комшиите, ама не престана да грее.)

Ние бевме полнолетни, но политиката им ја оставивме на повозрасните и гледавме како не треба да се става темел на новата држава.

И еве што се видовме.

Требаше да се засукаат ракави и да се работи.

И тука, кај ракавите, почна да кочи работата.

Оние што никогаш не ги засукале, не сакаа ни сега да ги засучат. Тие морале да останат во политиката поради искуството. Од комунисти станаа социјалисти и социјалдемократи. Оние кои имаа алиби дека биле секогаш за Македонија, само системот ги држел понастрана станаа либерали. Оние со уште посилно алиби дека и покрај суровиот атеистички систем скришно, но храбро за Велигден фарбале јајца, станаа одлучни демохристијани.

Со засукани ракави не се може во политика. Мора човек да е стокмен во костум. Можеби малку жешко преку лето, ама пак удобно цела година и цел живот после тоа.

Ех, да беа само желните за во политика без засукани ракави. И поранешните директори на државните фирми не смееја да засукаат ракави. Немаше да ги пуштат во банките, така недотерани, да земат кредити на име на фирмите за да ги купат истите, на свое име.

Многумина од оние со засукани ракави останаа без работа. Сега можеа да шетаат со спуштени ракави, но со спуштени ракави не се пребарува низ контејнер парче лепче.

Се менуваа и влади и личности. Надежта живееше, бидејќи никако не сфаќавме дека навики и страсти треба да се сменат, а не личности. Бидејќи личностите си личеа еден на друг. Оти имаа секогаш убаво оправдување дека и претходните така правеле.

Е, да и низ војна минавме. Едните велеа дека за човекови права се борат и се изборија не само за човекови права, туку и за сите политички бенефиции кои им следуваат само на политичарите, ама не и на луѓето. На другата страна се бранеше државата. Не се доодбрани, оти не сите сакаа да ја бранат. Не ја бранеа ни само најхрабрите туку и оние, на кои каменот што им падна од срце на пристигнатите на грчките плажи пред мобилизацијата, им ги фати нозете.

Уморни од патриотизмот и броење жртви на двете страни, го врамивме договорот и продолживме. Веројатно договоривме и она што остана како заедничка сопственост да се доприватизира.

Од југ притисокот со блокадите на патот кон ЕУ, ни за момент не престануваше.

Морковот од ЕУ колку беше поголем, толку подолг беше стапот на кој што беше обесен.

Кој го сакаше морковот, а не можеше да го земе, земаше пасош од кај европеизираните комшии. Како зраците на сонцето што еднаш се преполовија, така сега народот ни се преполовува.

И бидејќи смислата и победникот од воениот конфликт од блиската историја  кристално јасна ни беше на сите, тргнавме да докажеме на цел свет кој и зошто победи во битката на Ис. Александар Македонски (воинот на коњ) не задолжи со таа победа не само да му направиме најголем споменик на цел свет, туку со сонце од Кутлеш и шахтите да ги украсиме за едните да билдаат патриотизам, а другите после нив да билдаат европски либерализам со брусењето на истото сонце.

Ете верувавме дека само уште тоа сонце на шахтите нé сопнува на патот кон посветла и загарантирана иднина. Бидејќи додадениот север во името не беше доволна отстапка.

И сега уште глупаво веруваме дека, ако комшиите од исток си изберат влада белким, се ќе се среди.

И на нашето небо ќе се роди новото сонце на слободата со 8 или 16 краци оти и тука сме поделени.

И така минаа цели 30 години од раѓањето на независноста на Македонија и 50 од нашето раѓање.

Во меѓувреме од глумење љубов кон татковината со слушање песни за Гоце, Јане, Чакаларов, Тодор и за Царот Неготински,  децата почнаа да мислат дека патриотизам е правец во музиката.

Биди ни вечна Македонијо! Не си ти лоша мајка. Ние сме само лоши синови.

Пишува: Пимен, Митрополит Европски (suteren.mk)

Коментар(3)

  1. Владико воопшто не е добро да ја навредувате интелегенцијата на сопствениот народ кој сега и официјално според Уставот доби ново име на државата и тоа не е повеќе Македонија туку Северна Македонија. Претпоставувам случајно ви се испуштило како по инерција или можеби со умисла правејќи уште поголема штета на целиот народ и паства заблудувајќи ги до бессвест. Туку добро е да објасните како ќе се вика вашата автокефална Црква? Северномакедонска или охридска?

  2. Ќе се вика Македонска Православна Црква, па ако треба и милијарда години ќе бидеме во раскол.

    1. Токму затоа е потребно легализирање на други православни опции во државава бидејќи вие може да си седите во раскол колку сакате но немате право да ги држите другите православни во земјата како ваши заложници!

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *