Исламската верска заедница и годинава ја организираше традиционалната Бајрамска баклава, на која беа поканети државниот врв, политичари, дипломати и јавни личности.
Поглаварот на ИВЗ, Шакир Фетаи, за големиот празник Курбан Бајрам, на „Бајрамска баклава“, ги пречека гостите на настан, за кој ИВЗ вели дека веќе е цврсто етаблиран во институционалниот и општествениот живот на земјата и кој ги промовира вредностите на почитта, соживотот и хармонијата меѓу заедниците.
Меѓу присутните беа, претседателот на Собранието Африм Гаши, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Оливера Трајковска; Изет Меџити, копретседател на ВЛЕН; министерот за здравство, Азир Алиу; министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа; градоначалници, претседатели на судови, амбасадори, универзитетски професори.
Гости беа и претставници на МПЦ-ОА, Католичката црква и останатите верски заедници.
-Во празничната и традиционална атмосфера на Бајрам, на гостите им беше послужена баклава — симбол на гостопримството, радоста и солидарноста што го карактеризираат овој голем исламски празник, велат од ИВЗ.
„Пораката на Курбанот е порака на љубов, побожност и одговорност. Само преку искрена жртва, посветеност кон божествените вредности и љубов кон Бога и човекот, поединецот успева да ја исполни својата мисија во овој свет и да придонесе во изградбата на поправедно, похумано и посолидарно општество“, истакна во говорот Реисот Фетаи.









