Поглаварката на Евангелско-лутеранската црква на Гренланд, епископката Панерак Зигстад Мунк, порача дека Гренланд не може да биде „купен или запленет“, реагирајќи на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста САД да ја преземат контролата врз оваа арктичка територија.
„Ние сме луѓе, не сопственост, и нашите домови не се на продажба“, изјави Мунк, нагласувајќи дека гренландскиот народ има сопствен јазик, култура, историја и иднина цврсто врзана за оваа земја. Таа истакна дека Гренланд, иако мал по број на жители, не е невидлив и не сака да стане дел од Соединетите Американски Држави.
Евангелско-лутеранската црква на Гренланд, која е дијацеза на Црквата на Данска, опфаќа околу 95 проценти од населението на островот, кое брои приближно 57.000 жители, претежно од инуитско потекло. Апелот на епископката доаѓа во момент кога претседателот Трамп повторно изјави дека има намера да продолжи со притисоците за преземање на Гренланд, и покрај предупредувањата дека таков чекор би можел да доведе до сериозни тензии со НАТО-сојузниците.
Во јавна порака од главниот град Нуук, Мунк ги повика американските граѓани да им пишуваат на своите конгресмени и сенатори и да се спротивстават на секој едностран потег, бранејќи ја слободата, достоинството и правото на народите сами да ја определуваат својата иднина.
Загриженост изрази и свештеникот Томаж Мајцен, кој служи во малата римокатоличка заедница на островот. Тој оцени дека тонот на последните американски изјави е „груб и вознемирувачки“ и предупреди дека постои опасност Гренланд да биде третиран како парче земја, а не како заедница со свои семејства, традиции и вера. Според него, мнозинството Гренландци цврсто ја отфрлаат идејата за приклучување кон САД, но стравот и неизвесноста меѓу населението се сè поизразени.
Во меѓувреме, владите на Данска и Гренланд повторно ја отфрлија секоја можност за надворешна контрола, нагласувајќи дека безбедноста и одбраната на Гренланд цврсто припаѓаат на западниот сојуз. Прашањето дополнително добива тежина поради зголеменото геостратешко значење на Арктикот, поврзано со природните ресурси и топењето на мразот.

