Патријархот Кирил на Москва и цела Русија во интервју за ТВ каналот Russia-1 и руската агенција TASS говореше за вредностите што, според него, ги застапува Русија во однос на Западот, истакнувајќи дека руското општество предлага различен систем на морални и духовни вредности отколку западните земји.
Кирил рече дека христијанската вера треба да има јавна улога во Русија и дека тоа ја разликува неговата земја од Западот, каде што, според него, религијата е сведена на „лична работа“ и е отсранета од јавниот живот. Тој нагласи дека, иако Западот формално ја брани идејата за човекови права, во пракса тоа, според него, доведува до намалување на моралните норми и до деградација на општеството.
Патријархот објасни дека денешната тензија меѓу Русија и Западот не може да се толкува преку категориите на Студената војна, туку дека станува збор за духовен и културен конфликт заради различните приоритети во сферата на моралните норми и јавната улога на верата. Тој оценил дека Русија „ги брани традиционални вредности“ и дека моделот што Западот го нарекува заштита на човековите права поттикнува разорување на човечката моралност.
Кирил го поврзал моралот со поимот „духовен суверенитет“ и рекол дека способноста на една нација да ја зачува својата морална основа е поврзана со нејзиниот целокупен суверенитет. Тој исто така ја критикувал културата на масовните медиуми и социјалните мрежи зашто, според него, ги промовираат себичната удобноста и материјалнаблагосостојба, наместо правдата, милосрдието и љубовта кон ближниот.
Во интервјуто, патријархот Кирил исто така говорел за моралниот пад кај младите, поврзувајќи го со слабеењетона религиозниот морал и отсуство на поддршка од јавноста. Како одговор на загриженоста дека младите луѓе сè повеќе го одложуваат семејниот живот и избегнуваат да имаат деца, Кирил го нарекол ова тешка форма на егоизам. Патријархот го истакнал и поимот „подвиг“ — посветеност на повисоки цели преку самооткажување и посветување. Тој го претставил како суштински и за духовниот раст и за националниот развој, тврдејќи дека без жртва нема вистински напредок.
Патријархот Кирил се осврнал и на националниот консензус, покренувајќи го прашањето за луѓето кои не се согласуваат со предложените решенија (односно со политиката што ја води државата) и кои, според него, затоа треба да се сметаат за предавници на Татковината: „Ако зборуваме за национален консензус, ова е неверојатно тешко, исто така затоа што навистина, ако секој човек може да биде различен од секој друг човек, тогаш е разбирливо дека постигнувањето на каков било консензус на национално ниво е исклучително тешко. Но, постојат концепти кои се поврзани со самата способност и можност за постоење на држава. Апсолутно мора да постои јавен консензус околу овие идеи и концепти. Ако некој е надвор од овој консензус, тогаш постои дефиниција – предавник на Татковината, со сите правни последици што произлегуваат од ова.“
Зборувајќи за иднината на Руската православна црква, Кирил го нагласил дека свештеникот денес мора да биде образован и културно способен да им зборува на современите луѓе, вклучително и на оние надвор од Црквата. Сепак, тој инсистирал на тоа дека самото образование не е доволно, туку дека кредибилитетот на свештеникот зависи пред сè од личното духовно искуство.

