Повеќе од 388 милиони христијани во светот живееле во услови на сериозен прогон или дискриминација поради својата вера во текот на 2025 година, покажува годишниот извештај што денеска го објави невладината организација Open Doors. „Станува збор за зголемување од осум милиони во споредба со 2024 година“, изјави директорот на организацијата за Франција и Белгија, Давид Хемерлен, на прес-конференција во Париз, оценувајќи дека е достигнат „рекорден степен“ на притисок врз христијаните. Од организацијата појаснуваат дека бројката не значи дека сите 388 милиони се директно прогонувани, туку дека живеат во земји и региони каде што постои тешка и системска верска репресија.
Слична проценка во ноември изнесе и католичката организација „Aid to the Church in Need“, според која 413 милиони христијани живеат во држави каде што верската слобода не се почитува, а околу 280 милиони се директно изложени на прогон.
Според податоците на „Portes Ouvertes“, во периодот од 1 октомври 2024 до 30 септември 2025 година биле убиени најмалку 4.849 христијани, 4.712 биле затворени, а 3.632 цркви биле нападнати или уништени. Извештајот регистрира и 22.702 христијани принудени да ги напуштат своите земји, како и 4.055 случаи на сексуално насилство поврзани со верскиот прогон.
Северна Кореја повторно се наоѓа на врвот на листата на земји со најтежок прогон, каде што „верувањето во Бога се смета за предавство кон режимот“. Следуваат Сомалија и Јемен, каде што опстанокот на христијанските поединци или заедници „зависи од целосна анонимност“.
„Од 2015 година наваму, Субсахарска Африка е регионот со најголем број христијани убиени поради верата“, изјави еден од директорите на организацијата, Гијом Генек, наведувајќи дека таму се регистрирани 4.491 жртва. Тој додаде дека во истиот регион живее и најголемата христијанска популација во светот. Извештајот посочува дека во Нигерија и Кина биле цел на напади околу 1.000 цркви, при што Кина ја засилила политиката на „доместикација“ на христијанството. Индија е земјата со најголем број затворени христијани – 2.192, главно поради примената на закони против верска конверзија. Сирија бележи остар пораст на листата, искачувајќи се од 18-то на 6-то место.
Годишната World Watch List, која „Portes Ouvertes“ ја објавува од 1993 година, се базира на 84 критериуми и информации од околу 5.000 извори, опфаќајќи различни облици на притисок – од општествена изолација до екстремно насилство. Организацијата потсетува дека нејзините податоци минатата година биле користени и во политички контекст во САД, вклучително и од претседателот Доналд Трамп, кој се закани со воена интервенција во Нигерија поради прогонот против христијани – тврдење што беше отфрлено од нигериските власти и дел од истражувачите.
Осврнувајќи се на сложеноста на темата, каде што често се испреплетуваат верски, политички и економски фактори, од „Portes Ouvertes“ ја бранеа својата методологија, нагласувајќи дека се евидентираат само случаи каде што е сигурно дека христијаните биле таргетирани исклучиво поради својата вера. „Ако насилството не е поврзано со верата или ако христијаните страдаат на ист начин како и остатокот од населението, тоа не го сметаме за прогон“, порачуваат од организацијата, додавајќи дека ги отфрлаат обидите за политичка злоупотреба на нивните истражувања, но стојат зад објавените бројки.


