Почетна Анализа МПЦ меѓу рускиот чекан и вселенската наковална
МПЦ меѓу рускиот чекан и вселенската наковална

МПЦ меѓу рускиот чекан и вселенската наковална

437
0

Нова епизода од играта на тронови во православието

Тргнува ли Руската православна црква во офанзива за рушење на вселенскиот патријарх Вартоломеј? Дали конфликтот што трае повеќе од три години може да резултира со нова поделба во православието, слична на големиот раскол од 1054 година, кога христијанството е поделено на источно православно и западно католичко?

Овие прашања сѐ повеќе стануваат предмет на интерес на светската црковна јавност, а дополнително загрижувачка е последната изјава на рускиот патријарх Кирил, кој од конференција во Москва, минатата недела јавно повика на сојуз против Вартоломеј. Патријархот Кирил го обвини вселенскиот патријарх за „папизам, вмешување на политика во црквата, како и за поделби во православието“, барајќи теолошки да се анализираат сите постапки на Вартоломеј, што отворено значи дека ќе се бара негова осуда „заради напуштање на каноните на Православната црква“.

Што може да се очекува, како ќе се развиваат настаните, кои православни цркви ќе се приклучат на овој повик од патријархот Кирил, засега е тешко да се прогнозира, но сосема е јасно дека единството на Православната црква е нарушено и состојбата е крајно тензична поради битката на Руската црква и Вселенската патријаршија за превласт во православниот свет.

Една од причините за оваа поделба е доделувањето автокефалност на Украинската црква од Вселенската патријаршија, наспроти ставот на Руската православна црква (РПЦ) дека за автокефалност е потребен општ консензус.

Како заострувањето на односите меѓу Москва и Фанар ќе влијае на прашањето за статусот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија е клучното прашање што ја интересира македонската црковна јавност?

МПЦ-ОА веќе побара признавање на автокефалноста од Вселенската патријаршија, но процесот повеќе од една година е во мирување.

РПЦ е охрабрена со зајакнувањето на позициите на СПЦ на Балканот

Бранко Ѓорѓевски, познавач на состојбите во православието, вели дека е очигледно дека Руската црква тргнала во своевидна нова офанзива против Вселенската патријаршија и нејзиниот патријарх Вартоломеј.

– Целта е тој да се делегитимира како вселенски патријарх и да му се одземе правото да доделува томоси за автокефалност на нови православни цркви и тоа да може да се прави само со консензус на сите православни цркви. РПЦ е охрабрена со зајакнувањето на позициите на СПЦ во Балканскиот Регион по случувањата во Црна Гора и смета дека сега треба да се искористи тој ветер во свои едра. Искажаното на конференцијата укажува дека делегитимацијата на вселенскиот патријарх ќе оди со тоа дека тој ги крши каноните, дека тој ја злоупотребува позицијата, дека сака да стане православен папа, дека ја внесува политиката во православието. Сето тоа се познати обвинувања за кои сега е прашање какви ефекти ќе имаат по другите православни цркви? – посочува Ѓорѓевски.

Според него, она што го покажува листата на учесници на конференцијата во Москва е дека оваа офанзива на РПЦ ќе има ограничен домет.

– Забележително е дека на конференцијата учествувале само сојузници на РПЦ – имало претставници од СПЦ (Иринеј Бачки), имало од Црквата на чешките земји и на Словачка, од Белоруската црква, од Летонската, дел од владиците на Кипарската црква, од Грузиската црква. Таков „бојкот“ на РПЦ имаше и лани на православниот собор во Аман, што го организираа РПЦ и Ерусалимската патријаршија околу „зачувувањето на православното единство“. Значи, и сега немало претставници од синодите на другите православни цркви што се клучни за успехот на ваквата офанзива. Немало од Албанската православна црква, од Романската, од Ерусалимската, од Бугарската црква – објаснува аналитичарот.

Ѓорѓевски смета дека поканите до сите овие цркви биле испрaтени, но дека тие решиле да не одат во Москва.

– Тоа е сигурен знак дека проценуваат дека не е време да влезат во сојуз за соборување на вселенскиот патријарх. Но ова може да го охрабри вселенскиот патријарх да опстои на својата досегашна политика и идеи што да менува во православието, односно, во него да ги воведува народите што сакаат своја православна црква, каков што е токму случајот со МПЦ-ОА – заклучува тој.

Руската црква не може да се помири со Украинската автокефалност

Рускиот патријарх Кирил им се обратил на учесниците на конференцијата „Светско православие: приматот (приматот) и совесноста во светлината на православната религија“, што се одржа во Москва од 16 до 17 септември. Во својот воведен говор, Кирил не само што уште еднаш го нападнал вселенскиот патријарх Вартоломеј, туку и ја довел во прашање легитимноста на неговите надлежности како прв архиереј.

– Ситуацијата во семејството на локалните православни цркви прави голема загриженост. Може да се оцени како криза. Кризата е јасно докажана со сериозни несогласувања меѓу православните христијани околу тоа како ја разбираме структурата на универзалното православие, што подразбираме под приматот и соборноста, како ја поврзуваме канонската структура на црквата. Како поглавар на Руската црква, кој е должен да се грижи за зачувување и зајакнување на односите со сите локални православни цркви, не можам, а да не чувствувам лична болка поради она што се случува во нашите односи со Цариградската патријаршија, како и за оние цркви што Цариград ги вклучи во признавањето на таканаречената автокефална Украинска црква, која всушност не претставува ништо друго освен легитимирање на црковниот раскол – посочил патријархот Кирил.

Инаку, на 5 јануари 2019 година, Вартоломеј потпиша томос за автокефалноста на новоформираната православна црква на Украина. За возврат, претседателот Петро Порошенко му го додели највисокото украинско одликување.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј на крајот на август годинава остварил и посета на Киев, Украина. Тој беше поканет од претседателот Владимир Зеленски да ја прослави 30-годишнината од независноста на Украина.

МПЦ во статус кво

Во јуни годинава, претседателот Стево Пендаровски оствари средба со патријархот Вартоломеј во Вселенската патријаршија во Фанар, Истанбул, каде што бил пречекан со биење на црковните камбани, чин што означува висока почит за гостинот.

По средбата, тој потенцира дека вселенскиот патријарх има особена улога во надминувањето на црковниот спор. Истовремено, Пендаровски повика на што поскоро надминување на спорот, затоа што, како што посочи, раната на едно место во православниот свет боли во целиот православен свет.

Минатата година, пак, се случи нова дипломатска иницијатива на македонскиот државен врв за враќање на црковното прашање на масата на вселенскиот патријарх. Прво претседателот Пендаровски, а потоа и премиерот Зоран Заев испратија писма до Вартоломеј, во кои побараа тој да го искористи апелациското право како дел од неговите канонски надлежности и да го реши црковното прашање за МПЦ-ОА.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *