Почетна Анализа Може ли БПЦ да ѝ го осветли патот на МПЦ?
Може ли БПЦ да ѝ го осветли патот на МПЦ?

Може ли БПЦ да ѝ го осветли патот на МПЦ?

254
0

Каква улога има Бугарската православна црква (БПЦ) во процесот што го почна Вселенската патријаршија за признавање на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА)? Дали добивањето на автокефалноста на МПЦ се одвива под патронат на БПЦ? Ова се дилемите што се отворија во јавноста, по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската новинска агенција БГНЕС, во кое тој изрази голема благодарност до тамошната црква што ѝ помага на МПЦ во процесот за добивање на нејзината автокефалност.

– БПЦ направи храбри пријателски исчекори кон нашата МПЦ. Во еден период застанаа, но тоа е црковна работа и верувам дека ќе продолжат да работат во тој дел. Она што се случува во делот на признавањето на автокефалноста на МПЦ треба да биде следствено, зашто ние денес сме независна самостојна држава. Кога сме доминантно православни народи во двете земји, не треба да оставиме какви било пречки за заемна соработка. Бугарските владици доаѓаат кај нас, нашите одат во Бугарија. Под патронажа на БПЦ оди процесот за признавање на МПЦ, зашто Синодот на БПЦ имаше прв храброст да донесе храбра одлука и да помогне во целиот тој дел – посочи премиерот Заев.

Верските аналитичари, пак, велат дека Бугарската црква имала улога во процесот, но можеби не клучна, бидејќи прашањето за МПЦ одамна му тежи на православието, а патријархот Вартоломеј сака да се реши тоа прашање.
Аналитичарот Бранко Ѓорѓевски вели дека ваквите изјави на премиерот Заев се со намера да се обезбеди поддршка од православните цркви што ни се наклонети.
– БПЦ е наклонета кон нашата црква, но не е целосно. Да беше така, одговорот на писмото на архиепископот Стефан ќе беше многу поповолен за МПЦ. Тогаш БПЦ само формираше комисија, која ќе лобира кај другите цркви и ништо повеќе. Дали досега таа комисија нешто направи кај другите цркви? Во јавноста ништо не е познато. БПЦ се води од свои интереси – посочува аналитичарот Ѓорѓевски.

Инаку, тој не очекува дека во скоро време Вселенската патријаршија ќе преземе конкретни чекори кон МПЦ, пред сѐ, поради состојбата со Украинската црква.
– Патријархот Вартоломеј уште кога почина српскиот патријарх Павле во Белград порача дека новиот српски патријарх треба да го реши проблемот со МПЦ. Тоа значи дека нашиот проблем одамна му тежи на православието. Но тешко и дека патријархот Вартоломеј ќе преземе нешто конкретно кон МПЦ во скоро време. Многу поважно сега е Грчката црква да ја признае автокефалноста на Украинската црква. Дури потоа ќе може да се разговара за МПЦ – додава Ѓорѓевски.

Според последните најави од патријархот Вартоломеј, Грчката црква е таа што треба права да ја признае новата автокефална Украинска црква. Тоа, според оптимистичките најави, најрано може да се случи во октомври. Дури потоа може да се очекува и други православни цркви да почнат да ја признаваат украинската автокефалност.
Во тој контекст е и прашањето за МПЦ, која веројатно ќе почека да се официјализира автокефалноста во Украина.

Премиерот Зоран Заев за црковното прашање иницира испраќање писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, како поддршка на иницијативата на Синодот на МПЦ-ОА за барање признавање на автокефалноста.
Вселенската патријаршија и Руската патријаршија во овој период се во битка за превласт во православието. Постапките на Руската црква, експертите ги толкуваат како намера таа да го спречи признавањето на автокефалноста на МПЦ, а Вселенската патријаршија е со мотив да демонстрира дека таа е црквата што има право да потпишува томоси за автокефалност.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *