На познатиот манастир „Света Марина“ во селото Туминец во Мала Преспа, Република Албанија поставени се сончеви панели.
-По неколку годишниот вложен труд и со силна верба во Господа и по молитвите на Света Марина, со благослов на нашиот Митрополит Корчански г. Јован, како и со поддршка на сите верници а особено на група верници од Прилеп, конечно се осветли со сончеви панели манастирот „Света Марена“ во Туминец, изјави отец Алексо Темелко.
Патрон на манастирот е Света Огнена Марина – Марена, што се слави секогаш на 30 јули, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно.
На одбележувањето на патронот лани специјален гостин беше претседателот на Албанија, Илир Мета, кој го честиташе, како што рече, овој свет ден и запали свеќа за здравје.
Селото Туминец е едно од десетте населени места во Мала Преспа, се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.
/ vesnik-ilinden.com

