Киевскиот патријарх Филарет, кој ја има титулата почесен патријарх на Украина го прослави 97-иот роденден. Иако изминативе години, Филарет правеше опструкции, откако претходно се согласи за обединување и добивање Томос за автокефалност, сепак последниот период тој и Епифаниј, поглаварот на Православната црква на Украина, имаат добри односи.
Во тој контекст Киевскиот митрополит и на цела Украина, Епифаниј, му го честиташе роденденот, посочувајќи дека Филарет е историска фигура за Украина и Украинската Црква. На социјалните мрежи, Епифаниј во својата објава, обраќајќи му се директно, го нагласи длабокото почитување кон неговиот животен придонес за Црквата, истакнувајќи дека неговото служење дало значајни плодови и во годините на советскиот прогон и во периодот на независна Украина.
-Напорите на патријархот Филарет беа насочени кон одбраната на црковното служење во годините на советската репресија, а потоа, во годините на независна Украина, кон духовната обнова на народот и афирмацијата на автокефалноста, пишува Епифаниј во честитката.
Митрополитот Епифаниј се осврна и на решавачката улога на патријархот Филарет во поновата црковна историја, изразувајќи уште еднаш благодарност за неговиот придонес во обединувањето на украинското православие.
-Како и пред седум години, за време на одбележувањето на Вашиот 90-ти роденден, и денеска повторно Ви благодариме за Вашиот придонес во постигнувањето на единството на украинското православие на Соборот во Света Софија и за добивањето на Томосот за автокефалност од Вселенската патријаршија. Ова достигнување навистина ја зацврсти духовната основа на независноста и суверенитетот на Украина и го урна ѕидот на вештачката надворешна изолација на нашата Помесна Црква од општењето со светското православие, напиша тој.
