Почетна Анализа Католичката црква во Франција: Како да се спречи сексуална злоупотреба на деца
Католичката црква во Франција: Како да се спречи сексуална злоупотреба на деца

Католичката црква во Франција: Како да се спречи сексуална злоупотреба на деца

215
0

Приближно 200 страници од сведочењата на жртвите се читаат како опис од ноќни кошмари. „Свештеникот ме повлече во својот шатор, а потоа го затвори“, пишува една од жртвите, чие име во Извештајот не се наведува. „Ме бакна во уста, со јазик. Тоа беше одвратно. Ме галеше, тоа ме скамени. Ме научи на зборови и постапки кои ми беа непознати – самозадоволување, фелацио. Си реков дека морам да го почитувам, тој е свештеник. И моите родители многу го ценеа.“

Илјадници жртви – злоставувани деца ја раскажале својата приказна за длабоко вкоренетата траума во текот на две години пред т.н. Комисија Сиас, која проценува дека меѓу 1950 и 2020 година околу 330.000 деца во земјата биле жртви на сексуално насилство во црквата. Во 216.000 случаи  извршители биле очигледно свештеници, а во повеќе илјади случаи – лаици, членови на Католичката црква. Во извештајот на 2500 страници, Комисијата дава 45 предлози за тоа како такво нешто може да се спречи во иднина.

„Таквото сомневање е товар за католиците“

Комисијата е основана во 2018 година од страна на федерацијата на Католичката црква во Франција, Бискупската конференција КЕФ и Конференцијата на верници, Корреф.

„Од 2000 година активно се бориме против сексуално злоставување во нашите цркви, а тоа едноставно не било доволно“, се присетува Оливие Леборње, надбискус за северен Арас и потпретседател на КЕФ.

„Тоа го видовме во аферата околу надбискупот на Лион, Филип Барбарин, кој беше обвинет во 2016 година и подоцна не пријавил неколку случаи на сексуално злоупотребување до правосудните органи. Овој случај беше главна причина зошто побарав Жан-Мари Суве да формира истражна комисија“, вели бискупот. Суве порано беше потпретседател на Врховниот суд на Франција.

Важно било комисијата, за разлика од други земји како  Германија,  да биде целосно независна од Црквата. „Таков сомнеж беше товар за нас  католиците,  нашата идна веродостојост зависеше од автономијата на таа работа“, вели Леборње.

Независна комисија ипоради секуларноста на Франција

Фактот дека комисијата била целосно независна го потврдува и адвокатот Жан Мари Бургубуру, претседател на Државното претставништво за човекови права и член на одборот на истражната комисија. 22 нејзини членови биле социолози, психолози, историчари и антрополози, црковни претставници немало заради спречување судир на интереси. Исто така немало членови – жртви на злоставување, а не било важно дали некој е католик или не.

Мари-Жо Тил, директорка на Европскиот истражувачки центар за етика на Универзитетот во Стразбур и автор на книгата „Католичката црква и  скандалите со злоставување малолетници“  дополнува дека сите сметале оти Суве е личност со целосен интегритет.

„Системски проблем“

Независноста на комисијата се темели и на францускиот устав: „Во Франција црквата и државата се строго одделени, секуларноста има силно значење.  Црквата исто така има помалку општествени задачи отколку на пример во Германија, каде води болници и други установи“, вели Тил.

Резултатот на независната истрага затоа бил толку  изненадувачки. „Никој не очекуваше дека злоставувањето било толку раширено во нашата црква,“ вели надбискупот Леборње.

Извештајот зборува за „системски проблем“. Долго кон  жртвите на злоупотреба владееле рамнодушност па и свирепост, многу се заташкувало и демантирало, стои во извештајот. Дури од 2000 година, а поверојатно од 2016, се преземени мерки за спречување на такви напади или за соочување со нив, но во несоодветен облик.

Децентрализација на црквата и реформирање на канонското право

Експертите од Комисијата ја критикуваат силната централизирана структура на моќ на Католичката црква, свештениците се премногу поставени на пиедестал и затоа се често во искушение за злоупотреба на моќта. Се предлага реформа во образованието на свештениците, повеќе јавност околу скандалите со злоставување, како и психолошка проверка на кандидатите за свештеници.

Се предлага и отворање на прашањето за целибат и реформа на канонското право, кое би требало да е подредено на секуларното право. Тајната на исповед треба да се  укине ако некој признае сексуален напад.

Освен тоа, случаите на злоупотреба мора детално да се решаваат, од околу 3.000 извршители, само мал број се уште живи.

Првите официјални одговори во ноември

Адвокатот Бургубуру, и самиот побожен католик, е уверен дека црквата долгорочно ќе прифати многу препораки. „Секако, тоа не се случува преку ноќ, ќе поминат месеци и години. Но, поентата на нашата работа беше враќање на црквата на правилен пат и сигурен сум дека сега ќе биде подобро.“

Првите официјални одговори би требало да бидат дадени во ноември. Потоа КЕФ и Корреф го одржуваат своето следно полугодишно пленарно собрание.

/DW

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *