Почетна Вера Евангелско-Методистичка Исус не охрабрува да внимаваме на сето она што излегува од нашата уста
Исус не охрабрува да внимаваме на сето она што излегува од нашата уста

Исус не охрабрува да внимаваме на сето она што излегува од нашата уста

245
0

Годината што помина 2020, беше една тешка година. Година во која беше присутна пандемијата Ковид 19. Пандемија преку која се заразија многу луѓе. Многу семејства изгубија своите најблиски, пријатели изгубија своите пријатели. Беше тешко за сите нас. Ограничувања, препораки кои создаваа огорченост, изолација, кај одрдена група на луѓе психички растројства… Мораме да признаеме дека пандемијата човекот го донесе до тој степен што увидуваме дека човекот е кршлив. Насекаде се работи на долго очекуваната вакцина. Во одредени земји почна и вакцинацијата, така да можеме слободно да кажеме дека надежта е таа која никогаш не умира, која во нас создава сили да ги надминеме и најтешките мигови во нашиот живот и да се концентрираме на секојдневието кое е пред нас.

Пред нас се неколку дена кои не делат од раѓањето Христово (Божиќ) и нека со целосна увереност на Божествената љубов со радост да се припремаме за тој важен ден во историјата на човештвото. Старата година е позади нас, пред нас стои една нова година и никој од нас не знае што таа ќе донесе. Затоа мојата препорака е со увереност во Божествените ветувања да чекориме напред, убедени во Неговото водство, заштита и умешност која ќе ни ја дава самиот Бог, за да се справиме со различните ситуации со кои ќе се соочуваме во текот на таа година.

Сам Господ Исус Христос кога беше на земјата на луѓето, а и на учениците негови даваше упатства, за да бидат способни да се соочуват со различните ситуации во нивните животи.

Лозинката за оваа 2021 година е: И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец. (Лука 6, 36)

Исус ни дава совет да бидеме милосрдни, што значи тоа за нас? Како можеме тоа да го разбереме? Милосрдни како што Отецот е милосрден.

Исус кога зборуваше со луѓето и неговите ученици никогаш не оставаше нешто не објаснето и затоа и со овој Негов совет во наредните стихови ни дава одговор како ние можеме да станеме милосрдни и таа наша милосрдност да биде во согласност со милосрдноста на Отецот небески.

Ете, вака не советува Исус:

,, 36. И така, бидете милосрдни како што е милосрден вашиот Отец.

  1. Не судете и нема да бидете судени, и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено;
  2. давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполна ќе ви дадат во пазувите ваши; зашто со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.
  3. И им кажа парабола: Може ли слеп да води слеп? Зарем нема и обајцата да паднат во јама?
  4. Нема ученик поголем од својот учител; но секој што ќе се усоврши, ќе биде како и учителот негов.
  5. И зошто ја гледаш раската во окото на својот брат, а гредата во своето око не ја забележуваш?
  6. Или, како можеш да му кажеш на својот брат: дозволи, брате, да ти ја извадам раската од окото твое, кога сам не ја гледаш гредата во своето око? Лицемере, извади ја најнапред гредата од своето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на својот брат. “ (Лука 6, 36 – 42)

Исус не охрабрува во годината која е пред нас да бидеме милосрдни едни кон други. А како може тоа да стане? Исус овде ни дава неколку совети и најнапред ни вели: Не судете и нема да бидете судени.

Мораме да призанаеме дека ние често пати сме многу брзи во нашите судови за другите луѓе. Често прифаќаме искази од ,,рекла – казала” и истите искази со наше видување ѓи пренесуваме понатаму. Многу луѓе тоа многу лесно го прават без чувство и без да знаат дали ќе нанесат штета на одредени луѓе. Исус не охрабрува да внимаваме на сето она што излегува од нашата уста и затоа Неговата препорака е: нашето зборување да биде да – да, не – не и дека се што е повеќе од тоа е сотонско.

Денес, во оваа пандемија во која живееме до нашите уши доаѓат разни размислувања за сето тоа. Се создават мислења, судови кои ѓи прифаќаме, негативно делуват на самите нас и на луѓето околу нас. Затоа Исус не охрабрува секое нешто кое ќе дојде до нашите уши внимателно да го пресееме со Неговата вистина, неговата правда, Неговата љубов. И тогаш внимателно во согласност со Неговите препораки и совети, да носеме одредени наши совети и одлуки. Исус овде ни вели нашата милосрдност да биде во согласност со милосрдноста на Отецот небески, со тоа Исус не потсетува на тоа дека еден ден ние ќе застанеме пред Отецот небески и ќе даваме отчет за нашиот говор, за нашето однесување и за луѓето кои се околу нас. Понатаму Исус не советува да простуваме, бидејќи кога ние простуваме и нам ќе ни биде простено. Простувањето е еден многу важен сегмент во животот на христијаните. Христијанинот, е свесен дека Бог во Исус Христос му прости за се. Свесни ли сме дека Бог во детето во Витлеемските јасли за се ни прости. Тоа осознавање дека Бог во Неговиот Возљубен Син Исус Христос ни прости, ги отвара моите очи за милосрдноста на Отецот небески. И тогаш доаѓам до сознанието дека Бог во детето во витлеемските јасли не погледна на моите недостатоци и слабости, туку преку Него ми дава нова шанса, за нов живот, живот организиран според Неговите совети. Кога ние го изговараме зборот простување тоа нема никаква вредност за нас ниту пак за некој друг, простувањето е дејствително, активно и секој оној кој го доживува Божественото простување не може да молчи за Оној кој му простил, имено самиот Бог.

Исус овде во Неговите совети не изоставува да зборува и за давањето. Џон Веслеј во поглед на нашето работење дава три важни совети:

– Работи колку што можеш;

– Штеди колку што можеш;

– Давај колку што можеш.

Ние не сме свесни колку Бог е дарежлив за сите нас. Тој за нас се грижи како телесно така и духовно. Дали ние го гледаме сето тоа. Размислуваме ли во ова пред Божиќно време што Бог ни даде на нас и на сите народи во овој свет. Овде Исус потсетувајќи не на Божествената милосрдност не охрабрува да не бидеме скржави туку, да даваме толку колку што можеме оти само на тој начин ние стануваме благослов за многу луѓе посебно бедни, напуштени, социјално загрозени… Осознавањето на милосрдноста Божја не прави способни да го подржуваме Неговото Божествено дело со нашите материјални добра. Бидејќи на тој начин и Неговиот Божествен благослов ќе биде над нас. Тој што дава е најбогатиот. Бог му враќа многукратно. Исус не охрабрува и во оваа модерно време во кое ние живееме за Неговото дело, за црквата Негова да даваме со радост и тоа колку што можеме и да не мислиме дека ако даваме ќе станеме сиромашни. Давањето не прави блажени, радосни, милосрдни, преку тоа согледуваме потребите на луѓето.

И последната препорака која Исус овде ја дава заокружувајќи ги сите Негови совети со Неговиот апел велејќи ни со каква мерка мериме со таква ќе ни се мери. Сестри, браќа, пријатели, знам дека често пати препораките Исусови нас не дразнат, не провоцират, но Исус е свесен за онаа кое го зборува и дека без почитување на Неговите препораки ние не можеме да бидеме милосрдни и не можеме да бидеме Негови вистински застапници во средините во кои ние живееме. Исус е отворен со нас и ни вели: Внимавајте! Со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери. Сестри, браќа, пријатели каков заклучок можеме ние за сите нас да извлечеме од препораките на Господа Исуса Христа за нас во оваа нова година. Кога погледнеме Библијата, таа зборува за милосрдноста Божја, а посебно тоа ние го осознаваме во Неговиот огромен дар, даден во Витлеемските јасли, за човековото спасение.

Милосрдноста станува и ќе стане во нашето секојдневие делотворна во годината која е пред нас преку љубовта, проштевањето, почитта кон Бога и едни кон други, желба за дружење, помагање, така како што и Сам Бог преку Неговиот возљубен Син Исус Христос се однесува со нас. Ни помага.

На сите вас ви посакувам од Бога благословена Нова Година!

Молитва: Господи Боже стоиме пред почетокот на една нова година, за нас многу нешта се непознати, затоа те молиме Ти не води, Ти не чувај, Ти ни ја давај Твојата Божествена мудрост да бидеме способни да живееме според Твоите Божествени препораки. Тоа го молиме во името на Господа Исуса Христа, нашиот Господ. Амин.

Пишува: Проповедник, Михаил Цеков – Евангелско-методистичка црква

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *