
Свештеници на струмичката епархија велат дека веќе пет дена, откако во неделата пристигна иконата на Пресвета Богородица Брзопослушница од Света Гора, постојано доаѓаат верници да се поклонат.
Отец Димитар од црквата Свети петнаесет тивериополски маченици, каде е сместена иконата вели дека на поклонение за оддавање почит покрај христијани, доаѓаат и муслимани и верници од други религии.
-Луѓе се јавуваат од секаде да се заблагодарат и ветат повторно доаѓање бидејќи молбите веќе им биле послушани. Народот навистина верува дека иконата е чудотворна па така не само православни верници на покајание и молби кон Пресвета Богородица Брзопослушница доаѓаат и верници од муслиманска вероисповед. Вратите на Храмот секогаш ќе бидат отворени за секој добронамерник и луѓе со мака, изјавил Отец Димитар.
Иконата која беше донесена во Струмица е автентична петта копија на оригиналот кој се чува во манастирот Дохијар на Света Гора во Грција. Литија за пристигнувањето одржаа митрополитот струмички Наум и дебарско кичевскиот Тимотеј.
Светата икона е висока метар и 80 а широка метар и 30.