Почетна Вести Христијанство Духовните вредности на Бигорскиот манастир закитени со Орден за заслуги
Духовните вредности на Бигорскиот манастир закитени со Орден за заслуги

Духовните вредности на Бигорскиот манастир закитени со Орден за заслуги

253
0

Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“, Дебарско, е првиот манастир што добива Орден за заслуги за државата што го доделува институцијата Претседател на државата. На пригодна свеченост, претседателот Стево Пендаровски му го врачи орденот на отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир. Наедно, Бигорскиот манастир е и првата верска институција во Македонија што добила Орден за заслуги за државата. Во 2007 година Орден на Република Македонија од тогашниот претседател Бранко Црвенковски доби Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Доделувањето на орденот на Бигорскиот манастир, кое се одржа вчера, го карактеризира и тоа што по подолго време на исто место беа присутни поглаварите на петте верски заедници вклучени во Уставот на државата.
Оваа година МПЦ одбележува еден од најзначајните моменти во својата историја, кои ја прават да биде столб на милениумскиот корен на христијанските вредности. Илјада години живот на бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ не е само сведоштво на монашката светлина туку е континуитет на црковниот живот во Македонија, прикажан преку богатата историја на Бигорскиот манастир, кој денес не само за Македонците туку и за православните верници од другите цркви претставува големо православно светилиште.

Претседателот Стево Пендаровски истакна дека Бигорскиот манастир е едно од нашите македонски светилишта што низ вековите и денес претставува извор на писменост и духовност, архитектура и уметност.
– Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој отсекогаш бил прочуен како место за поткрепа и помош, а човечки збор и утеха можеле да најдат сите, без разлика на нивната верска, етничка и каква било припадност. Духовната мисија на манастирот низ историјата и денес лесно ги надминува државните граници и претставува обединување на луѓето, што е најблагородната можна кауза на светот од кој сме дел. Манастирот на радост на сите нас продолжува да живее, да создава добрини и вредности. Убеден сум дека и во вториот милениум на своето постоење традицијата ќе биде продолжена и ние ќе бидеме задолжени со нови културни и духовни подвизи и дела – истакна претседателот Пендаровски.
Отец Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, кој го прими овој орден, посочи дека секојдневно сме сведоци на девалвирање на вредностите што се дел од човекот и му се преку потребни, сведоци сме на разни клевети, озборувања и лажни вести, кои причинуваат сериозна штета во психосоматскиот систем на човекот, а особено на младите.

– Ете зошто денешното високо одликување од страна на највисоката државна институција на древниот Бигорски манастир, како место на постојана молитва и патоказ за духовна ориентација, испраќа силна порака во нашето општество, за тоа дека калта на овој свет не може да го засени блесокот на златото, кое ја одразува светлината на божјата убавина, на благородството и на љубовта. Под злато ги подразбирам севкупното христијанско наследство и светото православно предание, кои иако навлегуваат длабоко во минатото, тие ја имаат истата благодатна преобразувачка сила и во сегашноста, а истовремено се и авангарда на иднината, во согласност со опитното сведоштво на апостолот Павле – истакна отецот.
Тој ја поздрави и поддршката на државниот врв за конечното решение на отвореното прашање со признавањето на МПЦ, со што нагласи дека нашата држава покажува црковна зрелост и духовна еманципираност.
Илјада години црковна историја е непобитен факт дека духот на Православната црква денес ги прави МПЦ и Македонија дел од единствената Христова црква, иако некои од православните центри одбиваат да го прифатат тоа како реалност.

Еден милениум ќе се слави викендов

Бигорскиот манастир в недела ќе го одбележи јубилејот, а според програмата за прославата, в сабота, на 17 октомври, со почеток во 18 ч., ќе биде отслужена вечерна богослужба, а следниот ден, в недела, на 18 октомври, со почеток во 9 ч., ќе биде одржана Божествена литургија, по чие завршување ќе се обратат архиепископот г.г. Стефан и претседателот Стево Пендаровски.

/Радмила Заревска (Нова Македонија)

 

НАПИШИ КОМЕНТАР

Your email address will not be published. Required fields are marked *