Германската канцеларка Ангела Меркел се вклучи во дебатата околу контроверзната одлука на хуманитарната организација Тафел од Есен повеќе да не им дели храна на емигрантите.
Меркел, како и бројни други германски политичари, го критикуваше новото правило на хуманитарната организација Есенер Тафел според која корисниците мора да покажат германски пасош за да добијат бесплатна храна.
„Не би смеело да се водат службите според такви категоризации. Тоа не е добро. Но тоа исто така го покажува количеството притисок што постои, и на колку многу луѓе им треба помош. Затоа се надевам дека е најдеме добри решенија кои не исклучуваат одредени групи“, кажа Меркел за телевизијата РТЛ.
Организацијата Есенер Тафел прогласи привремена забрана на делењето храна на емигранти, односно азиланти, објаснувајќи ја својата одлука како неопходна поради тоа што процентот на странци кои ја користат нејзината услуга пораснал на дури 75 отсто. Здружението тврди дека им помага на 16.000 луѓе во Есен, во покраината Рур, собирајќи фрлена храна или со истечен рок за продажба, и делејќи ја на луѓе со ниско или без приходи.
Како реакција на одлуката на хуманитарната организација вандали со спреј ги ишарале нивните комбиња за достава со натписи „нацисти“. Крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) го коментираше овој инцидент на Фејсбук иронично тврдејќи дека „ако се борите, тогаш сте нацисти“.
Од друга страна, другите подружници на хуманитарната организација Тафел остро ја критикуваа подружницата во Есен, опишувајќи го новиот пропис како „спротивен на статутот на организацијата“. Врвот на организацијата ќе одржи вонредна средба за да се реши спорот.
/МКД.МК
