Бугарскиот патријарх Даниил оствари телефонски разговор со Ерусалимскиот патријарх Теофил III во пресрет на Велигден, посветен на актуелната состојба во Ерусалим и безбедносните предизвици поврзани со празничните богослужби.
Патријархот Даниил изразил загриженост поради продолжените воени дејствија на Блискиот Исток и информациите за ограничен пристап до храмот „Воскресение Христово“. Тој нагласил дека бугарскиот православен народ се моли за мир и за сите кои страдаат од конфликтите.
Од своја страна, патријархот Теофил III информирал за актуелната состојба во градот и регионот, пренесувајќи уверувања од властите дека богослужбите за време на Страсната седмица и Велигден ќе се одржат, а претставниците на Помесните цркви ќе имаат пристап до храмот за церемонијата на Благодатниот оган.
Разговорот се одвива во услови на зголемено безбедносно напрегање и неизвесност околу организацијата на велигденските богослужби во храмот на Божјиот гроб, каде традиционално присуствуваат делегации од повеќе Православни цркви.
Во меѓувреме, христијанските верски лидери во Ерусалим побараа од израелските власти да овозможат непречено одржување на церемонијата на Благодатниот оган. Сепак, според најавите, таа годинава ќе се одржи во ограничен формат, со рестрикции за пристап во Стариот град и без присуство на голем број верници.
Церемонијата на Благодатниот оган, која се одржува секоја година на Велика сабота, има посебно значење за православните верници ширум светот, а огнот традиционално се пренесува во повеќе земји и се дели во храмовите за време на велигденската ноќ.
Извор: Двери.бг

