Петар му се заблагодари на Буловиќ за строгоста кон МПЦ-ОА: „Бевте строги додека не се покајавме“

Date:

Share post:

Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, во своето обраќање на погребот на митрополитот Иринеј Буловиќ во Нови Сад, упати благодарност до покојниот српски архијереј за неговиот однос кон Македонската православна црква – Охридска архиепископија, вклучително и за периодот во кој, како што самиот рече, бил строг кон МПЦ-ОА и настојувал таа да се покае.

„Ви благодариме многу за сè што направивте и кога бевте многу строги кон нас, кон нашата МПЦ-ОА, и гледавте правдата да заврши заради нашето покајание, заради нашето трпение, заради нашиот вистински живот“, му порача Петар на покојниот митрополит.

Оваа изјава отвора сериозни прашања за пораката што ја испраќа еден од највисоките архијереи на МПЦ-ОА за сопствената црковна историја и за пет и пол децении канонска изолација на Македонската црква од страна на СПЦ.

Со зборовите на благодарност за строгоста на СПЦ, митрополитот Петар практично го прифаќа толкувањето дека Македонската црква требало да помине низ период на покајание и трпение пред да ја добие автокефалноста. Во таквата формулација, автокефалноста не се претставува како признавање на црковното право и историското постоење на МПЦ-ОА, туку како милостив чин на српската црковна хиерархија.

Ваквото обраќање неизбежно наметнува прашање: дали со овие зборови митрополитот Петар ја прифаќа тезата дека автокефалноста на МПЦ-ОА започнува дури со одлуката на СПЦ, а со тоа ја остава настрана целата претходна автокефална историја на Македонската црква, вклучително и нејзиното прогласување на автокефалност во 1967 година?

Неговите зборови можат да се разберат како прифаќање на српското толкување дека прогласувањето на автокефалноста во 1967 година било неканонски чин, за кој МПЦ-ОА требало да се покае пред да добие канонско признание од СПЦ.

Тежината на благодарноста што митрополитот Петар му ја упати на Иринеј Буловиќ станува уште поголема ако се има предвид неговата улога во деценискиот спор меѓу СПЦ и МПЦ-ОА.

Иринеј Буловиќ беше еден од највлијателните и најжестоките противници на македонската автокефалност. Повеќе од три децении учествуваше во креирањето и јавното бранење на црковната политика на СПЦ кон МПЦ-ОА. Беше еден од архитектите на Нишкиот договор од 2002 година, кој предвидуваше враќање на македонската црковна организација во рамките на СПЦ со автономен статус, но не и признавање на автокефалноста од 1967 година.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img