Синодот на МПЦ-ОА го осуди насилството и фемицидот – Најавува соработка со институциите и обука на свештенството

Date:

Share post:

Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) го осуди секој облик на насилство, особено семејното насилство, насилството врз жените и фемицидот, оценувајќи дека тие се неспојливи со христијанските и евангелските вредности. Во соопштението по редовната седница одржана на 26 ноември, Синодот најавува подготвеност за соработка со државните институции и потреба од континуирана едукација на свештенството за препознавање и соодветно постапување во случаи на насилство.

Од Синодот посочуваат дека со загриженост ги следат сè поизразеното насилство и ширењето на омразата во општеството. Осудата се однесува на вербалното и физичкото насилство, семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство, како и насилството во дигиталниот простор и на социјалните мрежи.

-МПЦ – ОА со загриженост ги следи настаните поврзани со сè поизразеното насилство и ширењето на омразата во општеството. Во таа насока, МПЦ – ОА јасно и недвосмислено истакнува дека секој вид насилство, вербално и физичко, особено семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и насилството во дигиталниот простор, вклучително и на социјалните мрежи, е апсолутно неприфатливо и неспојливо со основните христијански и евангелски вредности и со почитувањето на човековото достоинство. Во согласност со евангелската и пастирска мисија, МПЦ – ОА најостро го осудува гревот на убиството, фемицидот, како најсуров облик на насилство врз жените и како недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот. Како значаен општествен чинител, МПЦ – ОА ја афирмира и активно придонесува кон негувањето на културата на соживот, почитувањето на човековото достоинство, солидарноста и грижата за секој човек, без оглед на неговите политички, идеолошки и лични убедувања, социјалниот статус или верската или религиозна припадност, доследно почитувајќи го начелото за еднакво достоинство на секој човек, стои во соопштението од Синодот.

Синодот истакнува дека Црквата, како општествен чинител, има обврска да придонесува кон негувањето на соживотот, почитувањето на човековото достоинство, солидарноста и грижата за секој човек, без оглед на неговите политички, идеолошки и лични убедувања, социјалниот статус или верската припадност.

Во таа насока, МПЦ-ОА изразува подготвеност за воспоставување соработка и партнерства со државните институции, верските заедници, религиозните групи и други организации, со цел заедничко спречување и надминување на насилството и нетрпеливоста.

Посебно внимание во соопштението е посветено на улогата на свештенството. Синодот наведува дека свештениците и досега совесно и одговорно ја извршувале пастирската служба, но истовремено ја препознава потребата од нивна континуирана едукација и соодветна обука.

Целта, како што се наведува, е свештенството да ги унапреди знаењата и способностите за навремено препознавање на различните облици на насилство, особено семејното насилство и насилството врз жените, како и за давање поддршка на жртвите и нивно упатување до надлежните институции и стручни служби.

-МПЦ – ОА ја согледува сериозноста и ги посочува загрижувачките размери на зголеменото насилство, ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата и воедно ја потврдува својата подготвеност за воспоставување соработка и партнерства со надлежните државни институции, верските заедници, религиозните групи и другите релевантни организации, со цел заедничко дејствување во спречувањето и надминувањето на овие негативни општествени појави. Притоа, МПЦ – ОА истакнува дека свештенството и досега совесно и одговорно ја извршува својата пастирска служба, вклучително и во однос на предизвиците поврзани со различните облици на насилство. Истовремено, ја препознава потребата од континуирана едукација и соодветна обука на свештенството, со цел унапредување на неговите знаења и способности за навремено воочување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно и насилство врз жените, како и за давање соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и нивно благовремено упатување до надлежните специјализирани институции и стручни служби, стои во соопштението.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img