По две години по смртта на митрополитот Тимотеј, Австралиско-сиднејската епархија сè уште е без свој владика. Во меѓувреме се одржуваа синодски седници, се споменуваа можни наследници, но конечна одлука до денеска нема.
Изборот на Никола за митрополит Австралиско-новозеландски во март годинава дополнително ја нагласи разликата во пристапот кон двете македонски епархии во Австралија. Едната доби свој митрополит, додека другата остана во привремено управување, без јавно соопштен рок за избор.
Погледот кон медиумските објави од 2025 и 2026 година покажува како постепено се натрупуваа неодговорените прашања. Во јуни минатата година, кога Синодот избра наследник на Тимотеј во Дебарско-кичевската епархија, се очекуваше појаснување и за идниот сиднејски владика во Австралија. Но, по седницата од 12 јуни 2025 година, во официјалното соопштение немаше информација дали воопшто било разгледувано прашањето за избор на администратор или митрополит на Австралиско-сиднејската епархија.
Кој ќе управува со Австралиско-сиднејската епархија – Синодот не соопшти
Неколку дена подоцна, на 18 јуни 2025 година, се пренесе појаснување од синодски извори дека темата за нов владика во Австралиско-сиднејската епархија не била отворена и за неа немало расправа. Архиепископот Стефан продолжи да администрира, а во јавноста се споменуваа можни кадровски решенија. Очекувањата за решение останаа, но без официјална потврда кога ќе се пристапи кон избор.
Во ноември истата 2025 година, прашањето доби и непосредна институционална димензија. Претставници на Епархискиот управен одбор од Сиднејската епархија допатуваа во Македонија и остваруваа средби со архиереи на МПЦ–ОА, најверојатно да лобираат поради очекуваниот иден избор на нов владика. Според сознанијата тогаш покрај другото беше потенцирано дека во моменталниот Устав на Австралиско-сиднејската епархија има клучна одредба, според која за избор на надлежен митрополит, или администратор, согласност треба да дадат и македонските црковни општини кои ја сочинуваат таа епархија.
Претставници на Австралиско-сиднејската епархија на средби со МПЦ-ОА – лобираат за нов владика
Сепак, во март 2026 година по неочекуваното повлекување на митрополитот Петар се донесе решение само за Австралиско-новозеландската епархија. На 19 март Синодот го избра Никола за наследник на митрополитот Петар, додека за Австралиско-сиднејската епархија повторно немаше избор, ниту најава кога ќе биде пополнет нејзиниот трон. Религија.мк тогаш објави дека во игра е и сценарио за обединување на двете епархии под управување на Никола, наместо избор на посебен митрополит за Сиднејската.
Истиот ден преку изјавата на портпаролот на Светиот Архиерејски Синод, епископот Климент, јавноста беше запознаена дека прашањето за Австралиско–сиднејската епархија не било ставено на дневен ред, но сепак според нејасните информации изнесени од него неформално се разговарало за можноста за нејзино преминување под раководство на Синодот, односно беше кажано дека во иднина тековната кореспонденција наместо директно со администраторот на таа епархија бил даден предлог да се воспоставела преку канцеларијата на Синодот.
Уште во првите реакции по изборот на Никола беа изразени надежи за поинаков пристап, но и предупредувања дека евентуалното наметнување архиереј без консултации и без почитување на епархискиот устав може да предизвика нови турбуленции. Пораката беше дека единството зависи од довербата и од почитувањето на правилата што претходно уште во периодот на 2012 – 2016 биле заеднички прифатени помеѓу Синодот и претставниците на црковните општини.
Неколку месеци подоцна, од досегашните реакции на долгогодишни активисти и верници од Сиднејската епархија, се гледа дека изборот на владиката Никола кој го сметаат како човек од доверба на владиката Петар, го воочуваат за избрзан и спроведен без консултации со нивната епархија, поради што најверојатно преовладува оценката дека можноста за обединување под еден митрополит е невозможна од многу причини и аспекти. На тоа се надоврзуваат суштинските разлики во уредувањето на двете епархии, особено во управувањето и учеството на црковните општини во донесувањето одлуки.
Меѓу пораките и премолчената црковна реалност во Австралија – Одговор на едно интервју
За пошироката јавност останува целосно нејасно кон што води и што ќе донесе ваквиот пристап на МПЦ-ОА и дали во изминатиот период се водени разговори за проблемите во Австралија, дали се водат некакви разговори со преставниците на Сиднејската епархија во врска со избор на митрополит и итн. Но она што за сите нас е јасно е фактот дека и по речиси две години од смртта на митрополитот Тимотеј се уште не е избран митрополит Австралиско-сиднејски. Кога тоа ќе се случи – останува да видиме…

