Католичката црква отвора прашање за еден од посложените облици на злоупотреба во верските заедници – духовното насилство, односно користењето на свештеничкиот и духовниот авторитет за контрола врз верниците, нивната совест и личните одлуки.
За оваа тема јавно зборуваше папата Лав XIV на 16 ноември, за време на летот од Лима кон Рим. Одговарајќи на новинарско прашање дали Ватикан подготвува документ со кој би се предвиделе црковни санкции за ваквото однесување, папата потврди дека прашањето се проучува, но нагласи дека е неопходно најнапред да се воспостави јасна правна дефиниција.
Според анализата на српскиот неделник „Време“, објавена на 23 ноември, духовната злоупотреба сè уште нема општоприфатена дефиниција. Британската истражувачка Лиса Оукли ја опишува како облик на емоционално и психолошко насилство, засновано врз систематска присила и контрола во верска средина.
Суштината на проблемот е злоупотребата на духовниот авторитет. Свештеникот, кој треба да му помага на верникот во неговиот духовен живот, ја користи довербата за да воспостави контрола врз неговата совест. Послушноста се претставува како доблест, додека несогласувањето со духовниот авторитет се квалификува како грев или непослушност кон Божјата волја.
Примерите за ваква злоупотреба се различни: од притисоци врз верниците да гласаат за одредена политичка партија, убедување дека одбивањето на монашки повик значи спротивставување на Божјата волја, до злоупотреба на духовната положба за малтретирање на соработници или сексуално искористување.
Во Католичката црква прашањето доби дополнителна тежина по повеќе скандали поврзани со злоупотреба на духовниот авторитет, меѓу кои случаите на поранешниот језуит Марк Рупник и перуанското движење „Sodalitium Christianae Vitae“.
Папата Франциск во 2024 година формираше работна група која треба да предложи правно регулирање на злоупотребата на совеста како посебно црковно казниво дело. Досега канонското право ја третирало главно како отежнувачка околност при други прекршувања.
СПЦ без институционална дебата за духовната злоупотреба
За разлика од Католичката црква, во Српската православна црква духовната злоупотреба не е отворена како посебна институционална тема. „Време“ ја поврзува оваа празнина со начинот на кој црковниот авторитет се користи во односите со свештенството, теолозите и верниците кои јавно изразуваат несогласување со ставовите на црковниот врв.
Како примери се наведуваат односот на патријархот Порфириј кон студентските протести во Србија и санкциите против поединци од црковните структури кои ги поддржале студентите или ја критикувале блискоста на црковното раководство со политичката власт.
Меѓу нив е митрополитот жички Јустин, кој ги пречека студентите од Нови Пазар во Студеница. Во февруари 2026 година Светиот архијерејски синод го разреши од управувањето со Жичката епархија, наведувајќи проблеми со финансиското работење, а во јули беше донесена одлука за негово преместување во Крушевачката епархија.
„Време“ го посочува и случајот со свештеникот Никола Симиќ од Шумадиската епархија, кој добил забрана за служење и бил изведен пред црковен суд. Епархијата образложила дека причината е кршење на Уставот на СПЦ, а не неговото учество на протестите.
Особено внимание во текстот им е посветено на теолозите Вукашин Милиќевиќ и Благоје Пантелиќ, кои јавно ја критикуваа блискоста на патријархот со српската власт. Црковниот суд на Белградско-карловачката архиепископија кон крајот на јануари 2026 година ги исклучи од црковната заедница, а Милиќевиќ беше лишен и од свештеничкиот чин.
Претходно, Милиќевиќ останал без парохија, без функцијата уредник на црковното радио „Слово љубве“ и без местото доцент на Богословскиот факултет. Двајцата поднеле жалба до Големиот црковен суд, додека СПЦ не одговорила на прашањата на медиумот за причините за нивното исклучување.
Милиќевиќ во изјава за Н1 оценил дека во денешната СПЦ добивањето благослов подразбира апсолутна послушност.
Авторката Јована Глигоријевиќ заклучува дека токму прашањето за границите на духовниот авторитет и можноста тој да се претвори во инструмент за контрола и замолчување на совеста е предизвикот со кој сега се соочува Католичката црква, додека во СПЦ сè уште нема сериозна институционална расправа за тоа.

