Вселенскиот патријарх Вартоломеј на своите архијерејски одежди носи препознатлив мотив на македонскиот Велјушки крст, кој потекнува од манастирот „Света Богородица Елеуса“ во струмичкото село Вељуса. Фотографии од официјалните страници на Вселенската патријаршија покажуваат дека станува збор за одежда што ја носел и во претходните години.
Најновата фотографија е објавена од грчкиот црковен портал „Фос Фанариу“ (Φως Φαναρίου), од патријаршиската богослужба во храмот „Панагија од Пера“ во Истанбул, одржана на 21 ноември 2026 година, по повод празникот Воведение на Пресвета Богородица.
Но, ова не е првпат Вартоломеј да се појави во ваква одежда. Постара фотографија, објавена на 20 декември 2024 година на официјалната интернет-страница на Вселенската патријаршија, по повод Божикното патријаршиско послание, го прикажува во одежда со истиот препознатлив крстовиден вез и речиси идентичен распоред на украсите. Фотографијата е поставена во архивскиот директориум на страницата со ознака од ноември 2023 година.
На белата одежда се забележуваат карактеристични крстовидни орнаменти со црвен, црн и златен вез, кои одговараат на мотивот на Велјушкиот крст.
Овој крст потекнува од црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ во манастирот во Вељуса, кај Струмица. Неговата историја е поврзана со изградбата на манастирската црква во 1085 година. Во поново време, Велјушкиот крст стана еден од препознатливите симболи на Македонската православна црква.
Во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Матка се изработува и посебен модел на архијерејски и свештенички одежди, наречен „Вељуса“, чиј основен мотив е токму овој крст. Според описот на манастирот, крстот на овие одежди го симболизира вечниот живот и Царството небесно.
Појавувањето на овој мотив на одеждата на поглаварот на Вселенската патријаршија е интересен детал поради неговата препознатливост како дел од македонското црковно и духовно наследство и секако не е случајност.
Засега нема официјална потврда дали конкретната одежда на Вартоломеј е изработена во Македонија, дали станува збор за моделот „Вељуса“ од манастирот Матка или дали е подарок од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, или пак е изработена во некој друг македонски манастир, или има сосема друго потекло.
Сепак, споредбата на фотографиите од 2024 и 2026 година покажува дека Вартоломеј ја носи истата одежда со карактеристичниот крстовиден мотив.
Досега во јавноста беше познато дека Вселенскиот патријарх Вартоломеј носел архијерејски митри изработени во Македонија, во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица, кој е метох на Бигорскиот манастир. Во нивната манастирска работилница биле изработени неколку митри за Вартоломеј, но нема податок за подарени одежди.
Првиот конкретно документиран подарок за Вартоломеј датира од април 2012 година. Тогаш, при посетата на македонските богослови на Вселенската патријаршија во Цариград, јеромонахот Јосиф, (сегашниот Тетовско-гостиварски митрополит) во име на игуменот Партениј, монашкото братство на Бигорски и матурантите од Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, му предал на патријархот архијерејска митра, рачно изработена од монахињите во Рајчица. Во истата прилика, на Вселенскиот патријарх му бил предаден и посебен подарок од архиепископот Охридски и македонски Стефан.

