Реставрирано историското црковно дело изработено од монахот Иларион поставено во Рајчица

Date:

Share post:

Стар црковен проскинитар (украсен девен постамент за икони) од Бигорскиот манастир, изработен во 1863 година од монахот Иларион, е целосно обновен и поставен во соборниот храм на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.

Како што соопштија од Бигорскиот манастир, реставрацијата е извршена со благослов и по заложба на епископот Антаниски Партениј, со цел да се зачуваат историската автентичност и уметничката вредност на ова дело од црковното наследство.

Проскинитарот повеќе од еден и пол век ја вдомувал иконата на свети Јован Крстител во Бигорскиот манастир. По изработката на нова резбана целивална за иконата на Претечата, историскиот проскинитар добил ново место во Рајчица, каде што сега ја чува чудотворната икона на свети Георгиј Победоносец.

Конзервацијата и реставрацијата ги извршила компанијата „АРТИС“, специјализирана за конзервација на уметнички дела и традиционални техники на позлата. Паралелно со обновата, изработен е и нов проскинитар, според изгледот и стилот на оригиналниот, од страна на солунската работилница „Филипу“.

Двата проскинитара отсега ќе го красат храмот во Рајчица. Покрај обновениот, наменет за иконата на свети Георгиј, новиот ќе ја вдомува иконата на Воздвижението на Чесниот и Животворен Крст Господов, заедно со честичка од Чесното Дрво, која ќе биде изложена за молитвено поклонение на верниците.

Од Бигорскиот манастир упатија благодарност до добротворите Горан Анастасовски, Новко Плаќаноски и Александар Паришев, како и до останатите дарители и помагачи кои го овозможиле овој проект.

Со обновата на проскинитарот од 1863 година се зачувува значаен дел од бигорското црковно-уметничко наследство, кој и по повеќе од 160 години продолжува да има свое место во богослужбениот живот на манастирите.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img