Руската православна црква го проширува своето присуство во Африка главно преку привлекување свештеници и црковни заедници кои веќе се православни и историски припаѓаат на Александриска патријаршија, а не преку мисионерска работа и придобивање нови верници. Ова е главниот заклучок на анализата објавена на бугарскиот портал „hristianstvo.bg“, со наслов „Зошто Москва привлекува Африканци кои веќе се православни?“, од авторот Миjхол ОХрли.
Во анализата се оценува дека руското црковно присуство во Африка не може да се разгледува одделно од пошироките политички и геополитички интереси на Москва, особено по прекинот на евхаристиското општење меѓу Руската и Александриска патријаршија во 2019 година.
По одлуката на патријархот Теодор II да ја признае автокефалноста на Православната црква на Украина, Московската патријаршија во 2021 година ја формираше Африканската егзархија, воспоставувајќи сопствена црковна структура на канонската територија на Александриска патријаршија.
Авторот посочува дека наместо да се фокусира на области во кои православието нема развиено црковно присуство, руската егзархија значителен дел од своите активности ги насочува кон земји како Кенија и Танзанија, каде што веќе постојат православни заедници под јурисдикција на Александриска патријаршија.
Во текстот се наведуваат и обвинувањата на Александриска патријаршија дека руски претставници користеле финансиски средства за привлекување африкански свештеници. Патријархот Теодор II во 2024 година тврдеше дека на свештеници им биле нудени по 200 долари за да ја напуштат Александриска патријаршија и да преминат под Московската. Овие обвинувања Москва ги отфрла.
Анализата ја разгледува и поврзаноста на руското црковно присуство со поширокото политичко и економско влијание на Русија во Африка, вклучително и во Централноафриканската Република и Уганда. Се посочуваат истражувања на Европскиот совет за надворешна политика (ECFR) и други аналитички центри, според кои активностите на Руската православна црква треба да се набљудуваат и во контекст на руската надворешна политика и концептот „Руски свет“.
Авторот прави споредба и со начинот на кој други христијански цркви го развивале своето присуство во Африка, преку изградба на локални црковни структури, образовни и здравствени установи и подготовка на домашен свештенички кадар.
Заклучокот на анализата е дека црковната мисија не треба да се мери според бројот на преземени парохии и свештеници од друга јурисдикција, туку според придонесот во ширењето на христијанската вера, создавањето нови заедници и развојот на локалното црковно раководство.
Во тој контекст, се посочува дека руското присуство во Африка би можело да се развива преку соработка со Александриска патријаршија, наместо преку создавање конкурентни црковни структури на нејзината канонска територија.

