Вселенската патријаршија: Договорот меѓу Грција и Бугарија е „почеток“ на враќањето на одземените црковни богатства

Date:

Share post:

Вселенската патријаршија го поздрави договорот меѓу Грција и Бугарија за размена на историски богатства, но истовремено испрати порака дека процесот на враќање на црковните и културните предмети треба да продолжи. Патријаршијата особено го нагласува зборот „почеток“ и изразува очекување реституцијата да биде завршена што поскоро.

Во соопштението на Вселенската патријаршија се наведува дека црковните богатства опфатени со договорот потекнуваат од митрополии и манастири во северна Грција, кои се под нејзина духовна и канонска јурисдикција.

Токму затоа, од Фанар договорот меѓу Атина и Софија не го гледаат како завршена постапка, туку како „почеток“ на процесот на враќање на вредните и свети предмети, однесени пред повеќе од еден век.

Вселенската патријаршија изразува надеж дека реституцијата ќе продолжи и ќе биде завршена во најкус можен рок, „во согласност со барањата на моралниот поредок и меѓународното право“, во духот на пријателските односи меѓу Грција и Бугарија.

Од Фанар потсетуваат и дека Вселенскиот патријарх Вартоломеј уште за време на една од своите претходни посети на Софија директно го покренал прашањето за враќањето на црковните богатства пред тогашниот претседател на Бугарија.

Патријархот Вартоломеј, како што се наведува, го поздравил започнувањето на процесот и им честитал на владите на Грција и Бугарија „за постигнатото и за она што следува“.

Соопштението на Вселенската патријаршија, сепак, оди и чекор подалеку од конкретниот договор меѓу двете држави.

Фанар изразува надеж дека договорот меѓу Грција и Бугарија ќе стане „пример и инспирација“ за други држави, со цел нивните надлежни институции да придонесат за враќање на културните богатства во местата од кои биле однесени.

Во тој контекст, Вселенската патријаршија експлицитно ги споменува мермерите од Партенон, оценувајќи го Партенон како „симболичен споменик за целото човештво“.

Партенон, се наведува во соопштението, „тивко и трпеливо го очекува повторното обединување со неговите други составни делови кои биле насилно однесени во егзил“.

Со тоа Вселенската патријаршија договорот меѓу Атина и Софија го поставува во поширок контекст на реституцијата на културното и црковното наследство, а не само како билатерална размена на предмети меѓу две држави.

1 COMMENT

  1. Нема потреба од претпоставки. Патријархот Цариградски си го довршува својот автопортрет без големи отстапки од поновата традиција. Ракотворниот храм Божји не е од денес разбојничка пештера, од пред повеќе од два милениуми е. Но и Христос одамна ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот Ерусалимски, ги растури масите на менувачите и столовите на оние што продаваа гулаби, им ги преврте тезгите на трговците, заради таа безочна трговија на место наменето за молитва и за духовно надградување, не за заговори и разбојништва од сеедно кој тип. Ама сепак, Го прашаа ‘Со каква власт го правиш тоа? И кој ти ја дал таа власт?’, Го прашаа за милоста која како никој никогаш можел да ја подари на рамниште на чудо.
    Факт е дека никој нема сила да го уништи човекот како храм Божји (освен самиот тој човек) ниту да му го оневозможи пристапот до благодатта Божја и до помошта на Светиите. Ни канон, ни реликвија, ни митра, ни скуфија, ни мантија, ни завера, ни намера. А ако честа на Св. Климент Охридски сме ние Македонците, главата може да му биде и во Стара Загора, а ние сепак да бидеме живи носители на таа чест како слични нему богоносци. Не го посветил животот на тоа да ни ја остави таа своја глава, туку за да ни овозможи и нашите глави да засветат како неговата. Најдоброто од себе веќе го оставил во Македонија за време на животот, можат да ја селат неговата глава колку што сакаат, нам ни е доволна една помисла на него за да се поврземе со неговата бесмртна душа, за да го добиеме неговото милостиво застапништво пред Бога и неговиот свет благослов за живот според Христовите заповеди. Освен тоа и меѓу Бугарите Св. Климент Охридски ќе дејствува во наша полза. Ако мислат дека ќе им помогне да го продлабочат своето покајание, слободно нека се обидат. А ако настојуваат да си ја хранат националната гордост со измами, делото секако ќе им се изјалови. Не затоа што ние им посакуваме зло, туку затоа што ‘врз кого падне Тој Камен ќе го разбие’, такво е Христовото ветување.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img