На периферијата на рускиот град Есентуки, во Ставрополскиот крај, функционира центарот за коњички спорт и ипотерапија „Целебен Есентуки“, проект на Руската православна црква.
Центарот е основан пред десет години од свештеникот Сергиј Тростински, настојател на храмот „Света Екатерина“ во Есентуки. Покрај коњичките спортови, центарот е насочен кон рехабилитација и социјализација на деца со посебни потреби.
Во моментов таму има 45 коњи, а рехабилитација добиваат околу 200 деца. Уште околу 150 деца се на листата на чекање. Третманите за децата со попреченост се бесплатни.
Центарот работи најмногу со деца со церебрална парализа, нарушувања од аутистичниот спектар и доцнење во психо-говорниот развој.
Според свештеникот Тростински, ипотерапијата делува преку движењето на коњот, кое е слично на движењето на човекот при одење, но и преку контактот со животното.
„Кога дете со церебрална парализа, кое не може да оди, ќе седне на коњ, карлицата и ‘рбетот ги изведуваат движењата карактеристични за одењето. Телото му испраќа сигнал на мозокот“, објаснува тој.
Во центарот се користи специјална опрема наместо класично седло. За време на часот со детето работат најмалку двајца возрасни – терапевт кој ги спроведува вежбите и водич кој се грижи за коњот.
Родителите сведочат за подобрувања во однесувањето, концентрацијата и социјализацијата на нивните деца. Една од мајките раскажува дека нејзиниот син, кој има аутизам и церебрална парализа, порано се плашел од луѓе и непознати звуци, а во центарот станал посмирен и самостојно се држи на коњот.
Посебно место имаат и натпреварите во адаптивно коњички спорт. Минатата година во Есентуки била одржана првата серуска спартакијада во оваа дисциплина, на која учествувале 105 натпреварувачи од различни делови на Русија.
Од 2022 година центарот започнал да работи и со возрасни лица. Еден од првите случаи бил Иван, кој по сообраќајна несреќа и повреда на ‘рбетот во 2009 година останал во инвалидска количка.
Според свештеникот Тростински, по една година ипотерапија Иван почнал сам да доаѓа со автомобил, а денес пишува книга за своето искуство.
Свештеникот смета дека контактот со коњите им овозможува на ветераните полесно да прифатат помош, бидејќи многумина имаат отпор кон класичната психолошка терапија.
И покрај големиот број корисници, „Целебен Есентуки“ нема стабилно државно финансирање. Работењето се финансира од средствата на епархијата, донации и помош од добротвори.
Месечните трошоци достигнуваат околу еден милион рубљи, а најголем дел од средствата се потребни за плати, храна и ветеринарна грижа за коњите, одржување на објектите и греење на манежот во текот на зимата.
Свештеникот Тростински дури се стекнал и со ветеринарно образование за да може самиот да се грижи за животните. Центарот сам обезбедува и дел од потребното сено, а оваа година подготвил околу 600 бали.
Во центарот работат 15 лица, но капацитетите не се доволни за сите заинтересирани.
„На Кавказските Минерални Води има околу 20 илјади деца со попреченост, а овде се занимаваат само 200. Тоа е еден процент“, вели Тростински.
Според него, со средства за уште четири до пет коњи и дополнителен персонал, центарот би можел да прими уште околу 150 деца.
„Целебен Есентуки“ е еден од околу 4.000 социјални проекти на Руската православна црква, наведува „Комерсант“.
Центарот претставува еден од примерите за социјалните активности на Руската православна црква, во кои црковните институции се вклучуваат во рехабилитација, социјализација и поддршка на семејства со деца со попреченост, како и на ветерани од воени дејствија.
/kommersant.ru

