Политиката на моштите на Нектариј од Крф

Date:

Share post:

Се чини дека… упориштето на „Света Русија“ во Грција е Керкирската митрополија, каде што… белото було може… непречено да се вее.

Пишува: Панајотис Андриопулос (Fos Fanariou)

На крајот од минатата година (2025) напишавме:

„Според CORFU TV News, митрополитот Керкирски Нектариј ја посетил Москва и Санкт Петербург на крајот од октомври. Тој сослужувал со архиереи на Московската патријаршија и поканил еден од нив – за време на својата проповед – да дојде на Крф, за да отслужи Света Литургија во црквата „Свети Спиридон“, покровителот на островот.

Керкирскиот митрополит Нектариј, во кулминацијата на своето обраќање, им рекол на присутните: „Ги кревам рацете, архиереи, и го благословувам благословениот народ на Русија, а вие молете се за народот на Грција, кој не ги слуша своите владетели, туку многу ја сака Русија.“ Тој многу ги сака своите руски браќа и затоа сум денес овде со вас, за да ви ја пренесам нашата љубов и поздрави.“

Керкирскиот митрополит ги повика Русите да не ги слушаат владетелите, очигледно мислејќи на грчката влада, туку да го слушаат грчкиот народ, кој многу ја сакал Русија. Чисто политички став.

Оваа посета на Керкирскиот митрополит Нектариј отвора низа прашања:

Како Керкирскиот владика пристигнал во Русија, со оглед на тоа што летовите од Грција не се директни? Преку која земја патувал до својата омилена „Света Русија“?

Дали добил дозвола од Светиот Синод на Грчката црква за да ја реализира оваа посета на Руската црква, која престана да го споменува поглаварот на Грчката црква, архиепископот Јероним?

Грчката влада од самиот почеток застана на страната на Украина по руската инвазија, а Грчката црква ја призна автокефалијата на Украинската црква, која ѝ беше дадена од Вселенската патријаршија. Очигледно, Керкирскиот митрополит Нектариј е против и својата земја и својата црква.

CORFU TV News, која го откри патувањето на Керкирскиот митрополит во Русија, неодамна објави дека митрополитот бил особено вознемирен поради медиумското внимание и во контекст на настанот вербално ја навредил новинарката Реја Дуру, велејќи ѝ: „Ќе патувам каде што сакам, без да барам дозвола од никого“, а потоа продолжил: „Не треба да нè интересира дали некој отишол во Москва…“.

Вреди да се истакне дека овој конкретен прилог бил објавен од московските медиуми, додека Керкирската митрополија молчела за посетата во Русија.

Се чини, сепак, дека Керкирскиот митрополит Нектариј… спие и се буди со „Света Русија“, поради што – како што се наведува во соопштението на Керкирската митрополија – „во недела, 30 ноември 2025 година, на празникот на светиот славен и преподобен апостол Андреј Првоповикан, Неговото Преосвештенство митрополитот Керкирски, Паксоски и Диапонтски Острови, г. Нектариј, сослужуваше со Неговото Преосвештенство митрополитот Казански, г. Кирил, од сестринската Руска православна црква, кој исто така ја предводеше Божествената Литургија, во поклоненичкиот храм „Свети Спиридон“ во градот Крф. Двајцата архиереи се поврзани со долгогодишно духовно пријателство и на крајот од Божествената Литургија си разменија благодарности и топли желби.“

И така, на денот на престолниот празник на Вселенската патријаршија – денот кога папата Лав XIV присуствуваше на архиерејската Литургија во Фанар, Керкирскиот митрополит Нектариј претпочиташе да сослужува со архиереј на Руската црква, која престана да ги споменува и Вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот на Атина и на цела Грција Јероним поради украинското прашање. Со други зборови, Керкирскиот митрополит сослужуваше со архиереј на Црква која со години е во прекин на евхаристиското општење со Вселенската патријаршија и со Грчката црква, на која и самиот ѝ припаѓа.

Следствено, се чини дека… упориштето на „Света Русија“ во Грција е Керкирската митрополија, каде што… белото було може… непречено да се вее.

Факт е, сепак, дека Керкирскиот митрополит Нектариј не ја објавил јавно својата посета на Русија. А тоа зборува дека има нешто… Од друга страна, тој не се двоуми да поканува руски архиереи во својата епархија, иако знае дека Русија го прекинала споменувањето на архиепископот Јероним. Но Керкирскиот митрополит Нектариј веројатно има своја… агенда.

Сега – неколку месеци подоцна – Нектариј пристигна во руската престолнина вечерта во понеделникот, на 17 август 2026 година – носејќи ја раката на свети Спиридон – на едномесечна турнеја! Нешто слично се случи со Светиот појас (од манастирот Ватопед) и Крстот на свети Андреј (од Патраската митрополија), како и повторно со раката на свети Спиридон (во 2008 и 2018 година), во не толку далечното минато.

Само што сега Москва не ги споменува Вселенскиот патријарх и архиепископот на Атина, поради украинската автокефалија, а, се разбира, веќе пет години трае војната – руската инвазија на Украина.

Но ништо од тоа не го спречува Керкирскиот митрополит Нектариј, кој ја однесе светата реликвија со дозвола на Светиот Синод на Грчката црква, како што е наведено.

Денес, 18 август 2026 година, во Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија се одржа средба меѓу претседателот на ОНЦО – митрополитот Волоколамски Антониј, и Керкирскиот митрополит Нектариј. Сè е одлично!

Никој ли не може да му каже ни збор на Керкирскиот митрополит Нектариј, кој очигледно има своја агенда со Русија? Никој? Ниту Црквата, ниту државата?

Сепак, ние нема да престанеме да го изразуваме нашето згрозување и одвратност од овие постапки на Керкирскиот владика.

/hristianstvo.bg

1 COMMENT

  1. Керкирскиот Митрополит Нектариј сигурно ја говори вистината и настојува да дејствува според неа, а не според политички одлуки, граѓански или црковни. Факт е дека во Грција живеат и работат големи заедници руски мигранти, кротки, набожни, ангелоподобни луѓе, кои на најсветол можен начин го чуваат образот меѓу Грците и на Руската Правсолавна Црква и на својата Татковина. Значи, грчкиот народ е во секојдневен, жив допир со нив, и не формира од нигде никаде мнение за ‘рускиот свет’ според политичките пропаганди, туку според својот барем неколку децениски опит. Тоа и е едно од својствата на Црквата: Таа е жив организам, во Неа дејствуваат богочовечките Христови енергии, во Неа никогаш не исчезнува храброста за милост и добрина, или храброста да се сведочи Вистината онака како што на човекот му ја покажува Бог, а не властодршците. Митрополитот Керкирски со ништо не ја загрозил ниту безбедноста на својата Татковина ниту честа на Својата Црква богослужејќи со своите едноверни браќа во Москва и дарувајќи им ја можноста да се поклонат на моштите на Св. Спиридон. Напротив. Миротворството така и изгледа.
    Убаво е да се чуе дека Телото Христово во светот не е осакатено или изобличено од бројните операции и калкулации, и дека благодатта на разни начини си го наоѓа патот и го наѕидува и преобразува современиот христијанин, ги јакне врските и меѓу географски далечните и неосновано раздвојуваните евхаристиски заедници, заобиколувајќи ги сите земни препреки. Во нормални (мирни) услови ваквите средби не се ни оддалеку толку скапоцени како во тешки, вонредни услови на војна и поделеност.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img