Во Бигорскиот манастир и годинава беше одржана традиционалната Илинденска доксологија, на која, покрај молитвите за празникот, беше упатена силна порака за мир, единство и благосостојба на Македонија.
Со чинот, кој се одржа во храмот „Свети Јован Крстител“, чиноначалствуваше епископот Антаниски Партениј, во присуство на монаштвото и голем број верници.
Во текот на богослужбата беа прочитани молитви за Македонската православна црква, за македонската државност и македонскиот народот, како и за сите што носат одговорност во општеството.
Особено беше нагласена молитвата Бог да ја сочува Македонија во мир и слога, да ги вразуми и просветли оние што се повикани да му служат на народот, да ги заштити семејствата и младите и да го зачува единството во земјата.
Во доксологијата беше оддадена почит и на сите кои ги положиле своите животи за верата и татковината, со посебен спомен за учесниците во Илинденското востание. Беше упатена молитва за „вечен спомен“ на сите познати и непознати херои кои се бореле за слободата на Македонија.
Од Бигорскиот манастир беше испратена и порака дека слободата не треба да се сфаќа само како историско наследство, туку и како обврска за зачувување на мирот, единството и заедничкото добро.
По завршувањето на доксологијата, епископот Партениј се обрати пред присутните, осврнувајќи се на значењето на Илинден и на жртвата на генерациите кои ги поставиле темелите на македонската слобода. Свеченоста заврши со интонирање на македонската химна во храмот на Бигорскиот манастир.




