Во присуство на голем број верници, во Лазарополе беше одбележан големиот христијански и национален празник Илинден, со света архиерејска литургија во храмот „Св. Георгиј Победоносец“, со која чиноначалствуваше епископот Антаниски Партениј.
На традиционалната прослава, по покана на жителите на Лазарополе, епископот Партениј пристигна заедно со дел од монашкото братство на Бигорскиот манастир и сестринствата од манастирите Рајчица и Пречиста. На литургијата сослужуваа свештенослужители од Бигорската обител и дебарскиот свештеник отец Миле Ангелкоски, а храмот беше исполнет со верници од Лазарополе, мијачкиот крај и од повеќе градови во Македонија.
Во својата празнична беседа, епископот Партениј говореше за духовното значење на празникот, потсетувајќи на примерот на светиот пророк Илија, кој останал непоколеблив сведок на верата, како и на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, кои животот го положиле за Христовата вера.
Посебен акцент Владиката стави на евангелската приказна за апостолот Петар, кој чекорел по водата сè додека неговиот поглед бил вперен кон Христос.
„Човекот може да ги надминува и најголемите животни бури само кога со вера се потпира врз Христа. Штом стравот и сомнежот ќе го одвратат нашиот поглед од Него, започнуваме духовно да тонеме. Но Христос секогаш ја пружа Својата спасителна рака кон оној што искрено повикува: ‘Господи, спаси ме!’“, истакна епископот Партениј.
Поврзувајќи ја евангелската порака со значењето на Илинден, тој нагласи дека вистинската љубов кон татковината не се покажува само преку чествување на минатото, туку и преку живот исполнет со вера, чесност, самопожртвуваност и грижа за заедничкото добро.
„Најдостојно им се оддолжуваме на оние кои се жртвувале за слободата кога ја чуваме слободата од омраза и поделби, кога го градиме мирот и кога општото добро го поставуваме над личните интереси“, порача Владиката.
Со молитви за мир, единство и благослов за Македонската православна црква, Лазарополе, мијачкиот крај и Македонија, заврши овогодишната илинденска прослава во едно од најпознатите мијачки села.







