Голема прослава за Св. Кирил и Методиј во Битуше

Date:

Share post:

Бигорската Обител го одбележа споменот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј, со голема литургиска и народна прослава во Бигорскиот скит над Битуше, а воедно го прослави и именденот на архимандритот Кирил и монахот Методиј од Бигорскиот манастир.

-Празничното утро започна со Утрена богослужба, исполнета со свештени химни, молитвено умиление и радосна благодарност кон Бога, Кој преку Своите избраници го просветлува светот со светлината на Евангелието. Храмот посветен на светите Браќа, под благословените падини на Крчин, повторно стана место на соборна молитва, духовна радост и живо сведоштво за делото на оние кои го даруваа словенскиот род и многу други народи со словото на верата. Со Божествената Евхаристија тајноводеше нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, принесувајќи ја бескрвната Жртва во чест на светите Кирил и Методиј, чиешто дело останува непресушен источник на духовна светлина. Под нивното молитвено застапништво, собрани околу светата Трпеза, повторно се најдовме во свештеното единство на словото, верата и живото Божјо присуство, велат од Бигорски.

Голем број верници пристигнаа во скитот, за да земат молитвено учество во ова торжество на откровението, просветата и словесната благодат.  По завршетокот на светата Литургија, во пространиот манастирски двор имаше културно-уметничка програма, на која настапија легендарните „Мајовци“ од реканскиот крај, како и Фолклорниот ансамбл „Св. Јоаникиј Ракотински“ од с. Сопиште.

Особена убавина и симболичен украс на овогодишното празнување му придодаде и новата чешма во дворот, пред самиот храм, која деновиве беше пуштена во употреба. Старецот ја осмисли не само како украс или корисен извор на вода, туку како своевидна чешма-споменик посветена на преславните Рамноапостоли. Изработена во мермер и камен, со изрезбани ликови на светите Кирил и Методиј, таа претставува прекрасно сведоштво за врската меѓу водата, словото и духовното просветлување. Од чешмата се излева вода низ дулци со змиски глави, што носат длабока евангелска порака. Господ Христос рече: „Бидете мудри како змии и незлобни како гулаби“. Токму таа мудрост, соединета со незлобивост, духовна проникливост и светла разумност, го одликуваше делото на светите Кирил и Методиј. Тие не го ширеа словото со сила, туку со благодат, со љубов, со разум, со подвиг и со жртва; не како човечка идеологија, туку како живо благовестие на Христовата вистина. Коритото на чешмата е изведено во форма на отворена книга, врз чии страници се вдлабени буквите од двете словенски азбуки – глаголицата и кирилицата. Водата што тече низ неа е постојана изворска горска вода, спроведена директно од подножјето на Крчин. Така, ова прекрасно дело соединува вода и слово, камен и смисла, предание и надеж. Како што Господ рече дека од оној што верува во Него ќе потечат реки од жива вода, така и овие наши духовни отци, преку водата на Божествената наука, ги напојуваат народите до ден-денес, гаснејќи ја жедта на човечките срца со вистината на Евангелието, велат од Бигорски.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img