Албанската влада нареди затворање на приватната предуниверзитетска средна образовна установа „Свети Крст“ во Ѓирокастро, давајќи му на училиштето рок од само три дена да ја прекине својата работа по стапувањето во сила на соодветната одлука на Советот на министри.
Според одлуката, потпишана од албанскиот премиер Еди Рама, институцијата е должна да ги заврши сите процедури поврзани со префрлањето на учениците во други училишта и да ги покрие сите трошоци поврзани со тоа. Училиштето, исто така, мора да им ги врати на родителите сите уплати за незавршениот дел од учебната година.
Одговорноста за спроведување на одлуката за затворање им е доверена на неколку институции, меѓу кои Министерството за образование на Албанија, Националната агенција за предуниверзитетско образование, Регионалната дирекција за предуниверзитетско образование во Фиер, Локалната канцеларија за предуниверзитетско образование во Ѓирокастро-Либохово, управата на училиштето, како и Албанската православна автокефална црква.
Албанската православна автокефална црква објави официјално соопштение во кое појаснува дека средното училиште функционирало непрекинато од 1998 до 2025 година и работело под посебна грижа на Албанската православна црква и блаженоупокоениот архиепископ Анастасиј.
Во текот на своето работење, институцијата „обезбеди образование и негување на христијанските вредности за стотици млади луѓе“, наведува Црквата.
Во соопштението, исто така, се појаснува дека „одлуката донесена од властите претставува административен одговор на барањето на самата институција“, со што се отфрлаат шпекулациите околу причините за затворањето.
Во исто време, Црквата нагласи дека нејзината образовна мисија низ цела Албанија продолжува непречено.
„Делото на Православната црква во областа на образованието продолжува со целосна посветеност преку нејзините бројни образовни институции од сите нивоа низ целата земја“, се наведува во соопштението.

