Висока делегација на Стејт департментот на Соединетите Американски Држави во средата, на 13 мај 2026 година, го посети седиштето на Вселенската патријаршија на Фанар. Делегацијата ја предводеше Рајли М. Барнс, помошник државен секретар за демократија, човекови права и труд, кого со посебни почести го прими Вселенскиот патријарх.
Барнс беше придружуван од членови на неговиот тим, како и од заменикот генерален конзул на САД во Истанбул, Мајкл Кидвел. За време на срдечната средба во Патријаршијата, двете страни разговарале за прашања поврзани со животот и мисијата на Мајката Црква, како во нејзиното историско седиште, така и низ светот. Посебно внимание било посветено на грчката православна заедница во Цариград и на православните верници кои живеат во Турција. Во разговорите била истакната и долгогодишната улога и придонес на Грчката православна архиепископија на Америка и нејзините верници во американското општество, стои во соопштението на ВП.
Од страна на Патријаршијата на средбата присуствувале старешината митрополит халкидонски Емануил и големиот еклисијарх Аетиј, директор на Патријаршиската приватна канцеларија.
По средбата со Вселенскиот патријарх, Барнс и неговата делегација ја посетиле Патријаршиската црква „Свети Георгиј“ на Фанар. Таму, големиот архимандрит Јаков ги запознал посетителите со историјата на храмот, како и со светите мошти и драгоцените црковни реликвии што се чуваат во него.
