Новиот Грузиски патријарх Шио III е роден како Елизбар Муџири на 1 февруари 1969 година во Тбилиси. По завршувањето на средното образование и музичкото училиште, во 1988 година се запишал на Државниот конзерваториум во Тбилиси.
Во 1991 година влегол како искушеник во манастирот Шио-Мгвиме, а во 1993 година бил замонашен и го добил името Шио. Во манастирот извршувал различни должности, меѓу кои трпезар и економ. За ѓакон бил ракоположен во 1995 година, а за свештеник во 1996 година од Неговата Светост Католикос-Патријархот на сета Грузија, Илија II.
Потоа служел во различни храмови во Тбилиси и Москва, додека истовремено студирал богословија во образовни институции во Батуми и Москва. Во 2003 година бил избран за епископ на новоформираната Сенакска и Чхороцкуска епархија, а неговата хиротонија била извршена во катедралниот храм Светицховели. Во 2009 година бил воздигнат во чин архиепископ.
На 23 ноември 2017 година бил назначен за местобљустител на Католикос-Патријархот на сета Грузија. Во 2018 година му било доделено правото да го носи Дијамантскиот крст.
