„Вода жива“ во Евангелието Христово е поим за несоздадената Божја енергија, благодат, живот, сила, светлина… „Вода жива“ е полнотата на благодатта што секој од нас ја прима при Крштението.
Пишува: Струмички Наум
Кога подвижникот се наоѓа на првото ниво од духовниот развој – чистење на срцето од страстите, тој црпи однадвор – помошна „вода жива“ од Светата Литургија, бидејќи внатрешниот извор, а тоа е неговото срце – му е затворен, и ја насочува преку енергијата на умот во пределот на срцето.
Овој подвиг го изведува на тој начин, што на своето слово – кое извира од суштината на неговиот ум во срцето, му ги наложува зборовите на молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј нас!“, а вниманието на умот е насочено кон молитвата – кон остварување на личен однос со Бог во срцето.
Штом човек почне со овој подвиг, веднаш – во неговото срце, се активира вложената Божја благодат на Светото Крштение, која почнува да го пробива патот од внатре кон „отворот на срцето“.
На второто ниво од духовниот развој – просветлување на умот, подвижникот црпи „вода жива“ – се преобразува, од средбата помеѓу благодатта на Светата Литургија – насочена преку енергијата на неговиот ум во срцето и благодатта на Крштението – што се пројавува од таму; нивното единство ја просветлува суштината на неговиот ум во срцето и тој станува светлина на светот.
Просветлен човек е оној што го активирал во себе внатрешното, царско и есхатолошко свештенство и таквиот се удостојува да го прими и официјалниот свештенички чин – како света Тајна; ако е тоа Божја волја.
И на третото ниво од духовниот развој – обожение на личноста, подвижникот црпи „вода жива“ од личната средба со Бог во своето срце и ја пренесува во Светата Литургија на Црквата. Не толку на таквиот човек му треба Литургијата, колку што на Литургијата ѝ треба таков човек.
Токму ваков обожен човек – како што е Богородица, носител на полнотата на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство, ни Го донесе Господ Исус Христос, воплотениот Син Божји, во овој свет.
Богочовекот Исус Христос ни ја донесе Божествената Литургија, т.е. Евхаристија – заедничкото дело на Бог и народот, „времето и местото“ во кои Он твори. А Литургијата на Црквата ни ја одржуваат во континуитет – обожените луѓе, носители на внатрешното, царско и есхатолошко свештенство, т.е. Господ Христос продолжен низ сите векови, додека Бог не стане сè – во сите и во сè. Амин!
