Пораки за мир, солидарност и човечка одговорност во време кога светот се соочува со бројни тензии и конфликти беа упатени од Реисул Улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи за време на молитвата по повод Фитр Бајрам, одржана во Мустафа-пашината џамија, каде присутни беа претседателот на Собранието, Африм Гаши, првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, муфтиите на ИВЗ, гости од земјата и од странство, како и стотици верници кои учествуваа на централната манифестација организирана од Исламската верска заедница.
Историската џамија беше преполна со верници кои дојдоа да го извршат намазот за Фитр Бајрам и да ја почувствуваат посебната духовна атмосфера на овој голем празник.
Во својата хутба, Реисул Улема истакна дека Фитр Бајрам доаѓа како резултат на еден месец духовна посветеност и жртва за време на светиот месец Рамазан, период кој ги учи верниците на самодисциплина, трпение и посветеност кон највисоките човечки вредности.
„Ги постевме деновите на Рамазан, подигнувајќи ја нашата свест за Бога, за светот и за човекот. Ги очистивме нашите души и срца и ги зацврстивме нашите убедувања врз знаењето, моралот и семејството,“ истакна тој.
Во својата порака, тој стави посебен акцент на значењето на зачувувањето на мирот и почитувањето на човечкиот живот, предупредувајќи дека мирот во светот останува кревок и бара постојана посветеност од сите.
Според него, искуството од Рамазан и жртвата на постот треба да служат како потсетник за човештвото дека моралните вредности и почитта кон човечкото достоинство се темел на здравото општество.
Реисул Улема истакна дека чувството на глад и жед за време на постот е повик за поголема сочувствителност и грижа кон човекот, додека мирот и солидарноста што се негуваат за време на Рамазан треба да се претворат во водилка за изградба на поправеден и помирен свет.
Во тој контекст, тој предупреди за опасностите што му се закануваат на човештвото од војните, насилството и неправдите, повикувајќи на избегнување на конфликти, масакри и геноциди и на зајакнување на културата на мирот.
Покрај глобалните предизвици, во своето обраќање тој се осврна и на моралните и општествените проблеми со кои се соочуваат современите општества, повикувајќи на борба против појавите што му штетат на поединецот и општеството, како што се корупцијата, наркоманијата и другите пороци што ја загрозуваат иднината на младите.
Говорејќи за значењето на овој празник, тој истакна дека Фитр Бајрам е ден на помирување, зближување и зацврстување на семејните и општествените врски, повикувајќи ги верниците на овој ден да ги отворат своите срца, да си простат еден на друг и да ја негуваат духовноста на љубовта и разбирањето.
На крајот, Шаќир Фетаи, во име на Исламската верска заедница и во свое лично име, им го честиташе празникот Фитр Бајрам на сите верници, молејќи оваа празнична радост да донесе мир, хармонија и добрина во семејствата и во нашето општество.
„Го молиме Семоќниот Аллах да ни ги прифати постот, молитвите и нашите добри дела и овој празник да биде извор на мир, благосостојба и среќа за сите,“ заклучи тој.

