Годинава Велигденскиот пост кај христијаните и светиот месец Рамазан кај муслиманите се одвиваат истовремено – период кој од медицинска гледна точка подразбира значајна метаболичка адаптација на организмот.
„Како лекар, сакам да укажам на физиолошките придобивки, но и на потенцијалните ризици што ги носат периодите на рестрикција во исхраната“, вели д-р Акиф Шабан, раководител на Одделението за инвазивна кардиологија при Военомедицинската акдемија во Софија.
Според него, научните истражувања покажуваат дека правилно спроведениот пост може да доведе до подобрување на нивото на холестерол, растоварување на црниот дроб и подобра концентрација. „Но за овој период да биде лековит, а не исцрпувачки, потребно е внимателно да се слуша сопственото тело“, нагласува тој. Потсетува дека и во двете религии постот не е задолжителен за болни, бремени, доилки и лица кои патуваат.
Од физиолошки аспект, контролираниот пост активира процеси како автофагијата – природен механизам за клеточно „прочистување“, кој го намалува оксидативниот стрес и го поттикнува обновувањето на клетките. Се забележува и подобрување на метаболичките параметри, зголемена чувствителност на инсулин и поефикасно користење на мастите како извор на енергија, како и намалување на системските воспаленија.
Сепак, експертите предупредуваат дека ризиците не треба да се потценуваат. Посебно внимание треба да се посвети на хидратацијата и електролитниот баланс. Кај сувиот пост, карактеристичен за Рамазан, постои зголемен ризик од дехидратација, што може да влијае врз функцијата на бубрезите. „Внесот на доволно течности во дозволениот период е клучен“, посочува д-р Шабан.
Ризици постојат и кај пациентите со дијабетес тип 1 и тип 2, кај кои може да дојде до хипогликемија или кетоацидоза. Во вакви случаи е неопходен строг мониторинг на шеќерот во крвта и навремена корекција на терапијата. При симптоми како треперење или ладна пот, постот треба веднаш да се прекине.
Кај христијанските пости, каде се исклучуваат животинските производи, потребно е да се следат нивото на витамин Б12, железо и цинк. Се препорачува внес на растително железо во комбинација со витамин Ц, како и избегнување на замена на месото со тестенини и шеќери. Наместо тоа, се советува консумирање мешунки, јаткасти плодови и сезонски зеленчук.
Во однос на секојдневните навики, се препорачува внес на околу 30–35 милилитри вода по килограм телесна тежина, како и балансирана исхрана со „бавни“ јаглехидрати и здрави масти. По период на гладување, враќањето на исхраната треба да биде постепено
Физичката активност треба да биде умерена, додека интензивните тренинзи не се препорачуваат во часовите на постење. Квалитетниот сон од најмалку 6–7 часа е исто така важен за одржување на хормоналниот баланс.
Особена претпазливост е потребна кај пациентите со кардиоваскуларни заболувања. Промените во режимот на исхрана и внес на течности може директно да влијаат врз крвниот притисок, срцевиот ритам и ризикот од тромбози. Се препорачува редовно мерење на притисокот и строго придржување кон терапијата, без самостојни измени.
„Постот е време на дисциплина, но здравјето мора да остане приоритет“, заклучува д-р Шабан, додавајќи дека вистинската грижа за другите започнува со одговорна грижа за сопственото здравје.
Во својата порака, тој повикува на умереност и свесност: постот може да го прочисти телото, но само со разумен пристап може да придонесе и за целокупна благосостојба. „Да ги прочистиме не само нашите тела, туку и нашите срца – со разум, внимание и грижа. На крајот на краиштата, постот го прочистува телото, но љубезноста е таа што го прочистува светот“, заклучува д-р Шабан.
Извор:Doxologia Infonews
