На денот кога се навршија четири години од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина, на плоштадот „Св. Недела“ во центарот на Софија беше поставена уметничката поставка „Глобусот на мирот“, дело на уметниците Диан Костов и Милена Ташкова, известува Христиjaнство.бг.
Проектот е посветен на жртвите од војната во Украина, а делото е изработено од остатоци од разрушен украински храм. Настанот беше организиран во соработка со културниот центар FOX book café и Државниот културен институт при Министерството за надворешни работи.
„Глобусот на мирот“ претставува дел од поголема уметничка поставка што е планирана да биде поставена во Киев во мај 2026 година.
Уметничкото дело беше изложено на 24 февруари, во рамките на Националниот ден на молитва за Украина, од 10 до 22 часот. Во непосредна близина се одржа и собир на поддршка за украинскиот народ кај црквата „Света Софија“, каде што политичари, јавни личности и граѓани оддадоа почит на загинатите и испратија порака на солидарност кон милионите Украинци кои четврта година ја бранат својата независност.
„Глобусот на мирот“ е златна метална конструкција висока 2,5 метри, симбол на создавањето и надежта. Во нејзината внатрешност, во форма на Распетие, се вплетени греди од разрушениот храм „Вознесение Господово“ во селото Лукјанивка, близу Киев. Во основата се вградени тули, чаури од куршуми, стопено стакло и клинци – материјали собрани од места погодени од воени дејствија.
Распетието е обвиткано со бодликава жица, како симбол на страдањето и насилството. Во внатрешноста на глобусот се поставени 59 свеќници, според бројот на активни вооружени конфликти во светот во 2025 година. Посетителите имаа можност да запалат свеќа во молитва за слободата на Украина или во спомен на загинатите од војната.
/hristianstvo.bg

