Етиопската ортодоксна црква се соочува со сериозна и повеќеслојна криза, во која се спојуваат присилни верски обраќања, насилство, политички притисоци и долготрајна институционална маргинализација, се наведува во обемна анализа на професорот Girma Berhanu, од Универзитет во Гетеборг, посветена на состојбата во земјата.
Повод за нови реакции е видео снимено во градот Гондар, на кое, според авторот на анализата, се прикажуваат економски загрозени ортодоксни верници кои се принудувани да се откажат од својата вера, да ги уништат верските книги и јавно да се откажат од почитувањето на Света Марија, во замена за храна и материјална помош. Овие активности се поврзуваат со пентикостални групи од типот „целосно евангелие“, а се оценуваат како тешко кршење на верската слобода и човечкото достоинство.
Според анализата, ваквите појави не се изолирани инциденти, туку дел од поширок и подолготраен процес. Притисоците врз Етиопската црква имаат историска длабочина и се засилиле во периодот на владеењето на поранешниот режим, а продолжиле и во актуелниот политички контекст. Посебна загриженост предизвикува улогата на државните институции, кои, како што се тврди, покажуваат наклонетост кон одредени протестантски и пентикостални структури, додека Православната црква се соочува со дискриминација и ограничување на својата автономија.
Анализата ја поврзува верската репресија со пошироката безбедносна и политичка криза во земјата. Во повеќе региони, особено во Амхара, се пријавуваат масовни убиства, уништување на цркви, киднапирања, присилни раселувања и напади врз цивилното население. Според меѓународни извештаи, насилството има и етничка и верска димензија, а православните христијани се меѓу најпогодените групи.
Во текстот се наведува дека религиозното раководство, и во земјата и во дијаспората, во голема мера останува тивко пред овие настани. Авторот оценува дека ваквиот молк претставува сериозен морален проблем, бидејќи верските институции традиционално имаат клучна улога во заштитата на животот, достоинството и општествената кохезија. Се повикува на поодлучна и јасна јавна осуда на убиствата, присилните обраќања и злоупотребата на верата за политички цели.
Посебно внимание се посветува на тврдењата дека присилното менување на верата не е само религиозен акт, туку и бришење на културниот и историскиот идентитет, бидејќи православието во Етиопија е тесно поврзано со јазикот, традицијата и националната самосвест.
Во заклучокот се наведува дека состојбата во Етиопија претставува сериозно предупредување за меѓународната заедница. Авторот повикува на итна реакција, вклучително и преку меѓународни институции, за да се спречи понатамошна ескалација и да се заштитат верските заедници, цивилното население и историското наследство на земјата.

