Говорот на Папата Лав XIV на одбележувањето на 1700-годишнината од Никејскиот собор

Date:

Share post:

Драги браќа и сестри,

Во период од историјата обележан со многу трагични настани, во кои луѓето се подложени на безброј закани по своето достоинство, 1700-годишнината од Првиот Никејски собор е драгоцена можност да се запрашаме кој е Исус Христос во животот на мажите и жените денес, и кој е тој за секој од нас лично.

Ова прашање е особено важно за христијаните, кои ризикуваат да го сведат Исус Христос на еден вид харизматичен водач или надчовек, погрешно претставување кое на крајот води до тага и конфузија (види Лав XIV, Беседа, Света миса Pro Ecclesia, 9 мај 2025 година). Со негирањето на божественоста на Христос, Ариј го сведе на обичен посредник помеѓу Бога и човештвото, игнорирајќи ја реалноста на Воплотувањето, така што божественото и човечкото останаа неповратно одвоени. Но, ако Бог не станеше човек, како ќе можеа смртните созданија да учествуваат во неговиот бесмртен живот? Она што беше прашање во Никеја, и е прашање денес, е нашата вера во Бога, кој во Исус Христос стана како нас за да нè направи „учесници во божествената природа“ (2 Пет. 1:4; сп. Свети Иринеј, Adversus Haereses, 3, 19; Свети Атанасиј, De Incarnatione, 54, 3).

Оваа христолошка исповед на верата е од суштинско значење за патот што христијаните го минуваат кон полно заедништво. Зашто таа е споделена од сите христијански Цркви и заедници ширум светот, вклучувајќи ги и оние кои, по различни причини, не го користат Никео-константинополскиот символ во своите литургии.Всушност, верата „во едниот Господ Исус Христос, Единородниот Син Божји, роден од Отецот пред сите векови… едносуштен со Отецот“ (Никејски символ на верата) е длабоката врска што веќе ги обединува сите христијани. Во оваа смисла, цитирајќи го свети Августин, во екуменски контекст можеме да кажеме и дека „иако ние христијаните сме многумина, во едниот Христос сме едно“ (Толкување на Псалм 127). Следствено, сознанието дека сме веќе поврзани со една толку длабока врска, ни овозможува да продолжиме по патот на сè подлабокото приврзување кон Божјото Слово откриено во Исус Христос, под водство на Светиот Дух, во заемна љубов и дијалог. На овој начин, сите сме повикани да го надминеме скандалот од поделбите, што за жал сè уште постојат, и да го негуваме стремежот кон единството за кое Господ Исус се молеше и го даде својот живот. Колку повеќе сме помирени, толку повеќе ние христијаните можеме да сведочиме веродостојно за Евангелието на Исус Христос, кое е објава на надеж за сите. Покрај тоа, тоа е порака за мир и општочовечко братство што ги надминува границите на нашите заедници и нации (види Франциск, Обраќање до учесниците на пленарната седница на Папскиот совет за промовирање на христијанското единство, 6 мај 2022 година).

Денес, целото човештво погодено од насилство и конфликти, повикува за помирување. Желбата за полно општење меѓу сите што веруваат во Исус Христос е секогаш придружена со стремежот за братство меѓу сите човечки суштества. Во Никејскиот символ на верата, ние ја исповедаме нашата вера „во еден Бог, Отецот“. Сепак, не би било можно да го повикуваме Бог како Отец доколку одбиваме да ги признаеме како браќа и сестри сите мажи и жени, кои се создадени по образ Божји (види Втор Ватикански вселенски собор, Декларација Nostra Aetate, 5). Постои едно универзално братство на мажи и жени без оглед на етничката припадност, националноста, религијата или личните перспективи. Религиите, по својата природа, се чувари на оваа вистина и треба да ги поттикнуваат поединците, групите и народите да го препознаат ова и да го спроведат во пракса (види Лав XIV, Обраќање на крајот од Средбата за молитва за мир, 28 октомври 2025 година). Исто така, мора решително да го отфрлиме користењето на религијата за оправдување на војна, насилство или која било форма на фундаментализам или фанатизам. Наместо тоа, патиштата што треба да се следат се оние на братска средба, дијалог и соработка.

Длабоко сум му благодарен на Неговата Сесветост, Вартоломеј, бидејќи со голема мудрост и предвидливост одлучи заедно да ја одбележиме 1700-годишнината од Никејскиот собор, токму на местото каде што се одржал. Исто така, топло им се заблагодарувам на поглаварите на црквите и претставниците на христијанските заеднициширум светот кои ја прифатија поканата да учествуваат на овој настан. Нека Бог Отецот, семоќниот и милостивиот, ги услиши усрдните молитви што му ги упатуваме денес и нека дарува оваа важна годишнина да донесе изобилни плодови на помирување, единство и мир

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here

spot_img