Зошто папата за првата меѓународна посета ја избра токму Никеја во Турција

Date:

Share post:

На прв поглед, малку што упатува на тоа дека мирното турско градче Изник, на околу два часа возење од Истанбул, било местото каде што е променет текот на историјата.

Половина час е сосема доволен за да се обиколи градот во кој живеат 45.000 жители и да се прошета по неговите живописни тесни улички со балкони прекриени со рози и бршлен.

До брегот на Изничкото Езеро може да се стигне без речиси никаде да се видат траги дека ова место некогаш било престолнина и на Византиското и на Отоманското царство.

Сепак, оваа недела Изник, кој некогаш се викал Никеја, беше домаќин на папата Лав Четиринаесетти.

Ова е негово прво патување во странство откако во мај 2025 година беше инаугуриран за поглавар на Римокатоличката црква.

Главната причина за посетата е свеченоста на која папата присуствува заедно со вселенскиот патријарх Вартоломеј и други христијански поглавари, по повод одбележувањето 1.700 години од Првиот вселенски собор во Никеја, одржан во 325 година. Оваа посета првично ја планираше покојниот папа Фрациск, кој почина во април. По неговата смрт, свеченоста беше одложена.

-Една од најдлабоките рани во животот на Црквата денес е фактот што ние христијаните сме разделени, изјави папата Лав Четиринаесетти во интервју објавено во септември.

Тоj нагласи дека особено ја поддржува годишнината од Првиот никејски собор, бидејќи го гледа како заедничка точка што ги обединува различните христијански деноминации.

Лав Четиринаесетти е петти папа што ја посетил Турција.

Нема официјални податоци за бројот на христијани во Турција, но во извештајот на Стејт департментот на САД од 2023 година се наведува дека ги има околу 150.000, според бројките што самите христијански заедници ги доставиле.

Папата на 27 ноември се сретна со претседателот Реџеп Таип Ердоган во Анкара, а ден подоцна отпатува во Изник.

Но, зошто Изник е толку важно место за христијаните?

Одговорот лежи во 4. век, кога е одржан Првиот никејски собор.

Римското царство тогаш се простирало од Шкотска до Црвеното Море и од Мароко до пустините на денешна Сирија, Јордан и Ирак. На негово чело бил Константин Велики, првиот христијански цар. Тој им дал на христијаните најшироки права што ги имале по смртта на Исус Христос три века претходно, дозволувајќи им отворено да ја исповедат својата вера. Константин Велики сакал да го собере свештенството и да ги реши несогласувањата околу верските прашања. Соборот од 325 година бил пресвртница и во римската и во христијанската историја.

Свештенството првично решило да се собере во денешна Анкара, но цар Константин им заповедал во писмо да дојдат во Никеја, раскажува Турхан Качар, историчар од Универзитетот Мугла Ситки Кочман за турскиот сервис на Би-Би-Си.

Константин сакал лично да претседава со соборот, истакнува Качар.

„Од претходните црковни собири знаел дека епископите ќе се караат ако бидат оставени сами на себе“, додава тој.

Со Првиот никејски собор Константин Велики ја претворил религијата во „државен инструмент“, смета историчарот.

„Кога епископите дошле во Никеја, биле претставници на своите заедници, а кога се вратиле во своите градови — биле претставници на државата.“

Токму на овој собор „црквата почнала да соработува со државата“, смета и Паоло Рафаеле, опат на католичката црква „Свети Стефан“ во Истанбул. Соборот помогнал да се дефинираат клучните учења на христијанството, а токму во Никеја бил постигнат консензус за божествената природа на Исус Христос, изјави тој за турскиот сервис на Би-Би-Си.

Утврдено било дека постои еден Бог кој е вечен и кој има три лица: Отец, Син и Свети Дух, а бил усвоен и Никејскиот симбол на верата — официјален и краток текст на христијанското исповедание на верата. Потврдувањето на божествената природа на Исус Христос било клучен момент во борбата против т.н. „аријанска ерес“, која негирала дека Исус е Бог.

Папата Лав XIV истакна дека спорот околу овие учења бил „една од најголемите кризи во првиот милениум на Црквата“.

„За христијаните, ова е самото средиште на нашата вера“, вели Рафаел за исходот од соборот. Учeњата усогласени на соборот се задржале до денес, истакнува митрополитот силвриски Максим. Изник се смета за свето место на поклонение за христијани од целиот свет, додава тој.

Заеднички именител на сите цркви

Свеченоста по повод 1.700-годишнината од Првиот никејски собор претставува можност христијаните да го прослават важниот симбол на универзалноста во црквата. Во времето кога бил одржан соборот, христијанската црква сè уште не била разделена на католичка и православна; затоа овој истoриски настан во современите духовни кругови се смета за „платформа за обединување“, укажува професорот Качар.

 

Првиот никејски собор е „заеднички именител на сите христијански цркви кои ја исповедале својата вера во минатото и ја исповедаат денес“, нагласува митрополит Максим.

Тој додава дека посетата на папата и свеченоста ќе го истакнат „историското и културното наследство на регионот и на Турција“. Свеченоста во Изник се одржа во близина на археолошкиот локалитет на базиликата Свети Неофит, која се наоѓа на брегот на езерото.

 

Оваа градба би можела да биде црквата што во теолошките извори се нарекува „Црква на светите отци“, именувана по свештенството кое учествувало на Првиот никејски собор, објаснува Мустафа Шахин, професор на Универзитетот во Бурса, кој раководи со археолошките ископувања.

Тоа е едно од можните места каде што соборот можел да се одржи пред 1.700 години, истакнува тој.

Многумина сметаат дека соборот се одржал надвор од градските ѕидини и покрај езерото, но археолошките истражувања досега не успеале да го потврдат тоа.

Базиликата е изградена подоцна, кон крајот на 4. век, и можеби е подигната на местото каде што, според преданието, Римјаните го погубиле Свети Неофит додека се обидувал да го шири христијанството. Соборот можел да се одржи и во царската палата, која сè уште не е откриена, додава Шахин.

Папата Лав XIV, говорејќи за посетата на Турција, го истакна значењето на Изник — и во минатото и денес.

„Некои првично замислуваа средба помеѓу вселенскиот патријарх Вартоломеј од Константинопол (Цариград) и мене. Јас побарав овој средба во Изник да биде екуменска можност да се повикаат христијанските поглавари на многу различни христијански деноминации. Бидејќи Никеја претставува симбол на верата, ова е еден од оние моменти кога сите можеме да дадеме заедничка изјава на верата пред да дојдат разните поделби.“

/BBC

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here