За пет дена собрани се над милион долари за обнова на џамијата во американската држава Тексас, која целосно изгоре во пожар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Џамијата, која е дел од исламскиот центар во Викторија и една од најважните места за молитва на муслиманите во Тексас, во саботата изгоре во пожар.
Во градот во кој живеат околу 62.000 жители, во донирањето, покрај муслиманите, се придружија и припадници од други вероисповеди, но и атеисти, јавува весникот „Индепендент“.
Покрај тоа, на муслиманите им беше понудено молитвите да ги извршуваат во градската синагога и во неколкуте цркви, додека џамијата не биде подготвена за молитва.
Шефот на противпожарната бригада на Викторија, Џеф Кауан истакна дека во населбата каде што изби пожарот, како и во нејзината околина, не е најдено ништо сомнително, но во тек е истрагата за тоа дали се работи за злодело од омраза.
Раководителите на центарот преку социјалните мрежи споделија фотографија од уништената џамија, под којашто напишаа: „Повторно ќе ја изградиме со љубов“.
Џамиите и исламските центри во САД беа цел на вандали, на кои влијаеја и повремените исламофобни изјави од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп, во текот на изборната кампања.
Сѐ уште не се познати причините за пожарот во џамијата во Тексас, а истрагата продолжува.
А.А.

